АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Францускиот амбасадор Кристиан Тимоние при денешната посета на Општина Новаци рече дека тука има спомени кои му лежат на срце и дека чувствува оти ова место има дел и од неговата историја. Тој откри дека неговиот чичко Ловел Риш, по професија ликовен уметник, бил со француските војски на Македонскиот фронт за време на Првата светска војна. Храброста и ужасите на војниците, како и страдањето на цивилното население го претставил на своите уметнички дела.
„На делата ретко може да се најде точната локација на која се однесуваат. Најчесто станува збор за нацртани војници, а ретко за пејсажи. Но, тој постојано ја следел армијата и сигурен сум дека овде во овој регион има напревно дел од цртежите. На срце на чичко ми му лежеа и страдањата на цивилното население. Тој преку цртежите сакал да покаже, а и ние сакаме да покажеме во музејот што го правиме на Француските гробишта во Битола дека не страдале само војниците, туку интензивно страдале и цивилите од овој регион“, рече амбасадорот Тимоние.
Токму за страдањата на цивилното население планираат годинава да организираат и научна средба на историчари од Балканот. Ваквиот собир сакаат и следните години да прерасне во традиција.
„Целта е да се заборува како да се заштитат цивилите. Сакаме да покажеме дека лекциите кои ги научивме од Првата светска војна се актуелни и денес зашто имаме слични ситуации во Израел, Палестина, Сирија, па прашањето останува понатаму отворено“, рече Тимоние.
Тој се сретна со градоначалникот на Новаци, Љубе Кузманоски, со кого договараат соработка по повод стогодишнината од завршувањето на Првата светска војна. Се планира да се направи рута која ќе води од Солун до Белград и ќе им овозможи на француските туристи да го откријат овој дел од фронтот и историјата.
„Се сретнавме да поразговараме за проектите за соработка што Општина Новаци ја има со француски општини. Од 2008 година веќе ги имаме контактите со Долна Нормандија и до ден денес ги продолжуваме. Имаме оставрено повеќе посети од наша страна во Франција и од нивна страна тука. Оваа година се навршуваат 100 години од завршување на Првата светска воја и ќе поразговараме околу активностите што ќе се случуваат оваа година“, рече градоначалникот на Новаци, Љубе Кузманоски.