АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Со вклучување на граѓаните од урбаните заедници Ѓорѓи Наумов, Панде Кајзеро, Јонче Мурџевски, Елпида Караманди и Даме Груев, денес продолжи големата акција „Генералка викенд“ во Битола. Со оваа акција се чистеше на повеќе од 24 локации, меѓу кои се и: улиците Др. Рајс, Едвард Кардељ, локации во Нова Битола, Лавчански пат, Брусничка населба, населба Стрчин, кај урбаната заедница „Панде Кајзеро“, на просторот на поранешната касарна, патот Ушици – Стрелиште, во населбата Мал Париз, кај Новиот пазар, обиколницата на патот М5, во селото Црнобуки и на други места.
На акцијата се придружи и дел од општинската администрација, како и ЈП Пазари со дел од своите вработени. ЈП Комуналец, КЈП Нискоградба и ЈП Водовод со ангажираните лица и својата механизација, на терен беа значајна поддршка во спроведувањето на акцијата „Генералка викенд“ координирана од Општина Битола. Три приватни фирми со својата механизација исто така, дадоа поддршка на денешната еколошка акција.
Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, изрази голема благодарност до сите кои се вклучија во „Генералка викенд“ и дадоа пример, за тоа како во понатамошниот период мора да продолжиме да делуваме, заеднички, организирано и континуирано за чиста животна средина. „Поддршката од граѓаните во реализацијата на овие активности е многу значајна, со цел сите заедно успешно да делуваме кон создавање на поубава и почиста Битола, со многу зелени и уредени површини“, рече Коњановски.
Активностите за чистење на градот и отстранување на гломазен отпад, градежен шут и комунален отпад, тековно во соработка на општината и јавните претпријатија, продолжуваат и од понеделник, со повремена реализација и на големи акции кои треба да придонесат за спречување на создавањето нови депонии.