2win800x200

„Имате чудесна природа која е заштитена само на хартија“, рече Луиза Винтон од УНДП при промоцијата на грантот за Пелистер

Јуни 08, 2018

„Во земјава имате огромно природно богатство, чудесна природа, места кои се вистински бисери, но заштитата  е само на хартија“, рече денеска постојаната претставничка на УНДП во Македонија, Луиза Винтон, при промоцијата на грантот од 300 илјади американски долари, наменет за зајакнување на капацитетот на Националниот парк Пелистер за управување со заштитени подрачја.

-Во вашата земја постои една голема мрежа на заштитени зони, но таа заштита засега е само на хартија, а целта е тоа да се трансформира од теорија во пракса, што значи заштита на животната средина за идните генерации. Тука сме со цел да покажеме дека заштитата на животната средина и економскиот развој не се контрадикторни цели, туку тие одат рака под рака, изјави Винтон.

Проектот е финансиран од Европската Унија преку ИПА2, а ќе се имплементира преку Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП) во соработка со Министерството за животна средина.

-Во рамките на проектот има неколку компоненти, првата е заштита од пожари, ќе се набави едно теренско возило прилагодено за гаснење на пожари, дополнителна опрема, дрон со кој би се следеле пожарите. Целта е минимизирање на штетите од пожарите, но и да влијаеме кај граѓаните што повеќе да се грижиме да не се случат тие пожари. Од аспкет на заштита на природата ќе се набават камери за следење на приоритетите живеалишта во паркот Пелистер, односно мониторинг на истите. Потоа изградба на педесетина километри велосипедски патеки, 12 километри пешачки патеки. Целта на проектот низ една кампања секој од нас да биде ПР на паркот. Проектот треба да заврши во септември 2019 година, изјави Методија Салков, проект менаџер на проектот за подобрување на управувањето со заштитените подрачја.

Покрај Пелистер, добитници на големи грантови се и Галичица, Маврово, Дојранското Езеро, Националниот парк Преспанско Езеро и Националниот парк Езерани, исто како и заштитените подрачја Матка – Водно – Сарај, Јасен, Охридско Езеро – Сатеска Река, кои добиваат 200.000 до 400.000 евра, или вкупно 4 милиони евра.

-Националниот парк Пелистер е еден од осумте проекти за големи заштитени подрачја. Овој проект очекуваме да помогне во препознавање на социјалните и економските придобивки што произлегуваат од заштитата и поодржливото управување со природните ресурси во заштитените подрачја, а истовремено да ги зголеми капацитетите на локалните самоуправи и граѓански организации за управување и промовирање на заштитените подрачја на професионален и одржлив начин, истакна министерот Дураку на промоцијата на грантовите што се одржа на Пелистер.

Евроамбасадорот Самуел Жбогар, посочи дека инвестирањето во заштитата на природата е инвестиција во иднината.

-Веруваме дека овој проект ќе помогне да се заштити богатиот биодиверзитет на земјата и заштитените подрачја истовремено подобрувајќи ги и животите на луѓето. Европската унија продолжува да и помага на земјата во градењето на подобра иднина за нејзините граѓани“, изјави амбасадорот на ЕУ, Самуел Жбогар.

Во март, во рамки на истата програма, беа промовирани седумнаесет помали грантови, доделени на општини и граѓански здруженија кои добиа средства во висина од 50.000 до 100.000 евра за проекти за заштита на природата.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани