АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Со анегдоти поврзани за фотографската дејност Петар Ставрев говореше за своето дело на свеченото отворање на изложбата „Фолклорни мотиви“ во рамките на Интернационалниот фестивал „Илинденски денови“. Неуморниот хроничат на Битола, па и на Фестивалот „Илинденски денови“ кој пак опстојува 48 години, рече дека воопшто не е едноставно да се фотографираат масовни настани каде доминираат фолклорот и традиционалната песна и игра.
На изложбата која од синоќа е отворена во Фоајето на Центарот за култура, изложени се четириесетина негови фотогрфаии од фестивалите во Битола, Долнени, Галичка свадба и други манифестации каде во фокусот бил македонскиот фолклор.
„Меѓу најдрaгите фотогрфии ми е онаа со невестата која гледа низ прстенот на Галичка свадба. Паметам дека снимав емисија и ми дадоа фотограф кој бил вешт во снимање на свадби. А снимањето на ваквите настани е едно од најтешките бидејќи има многу народ, гости, играорци, фоторепортери. Цело време го гледав камерманот дали ќе издржи, камерата тешка 12 килограми ја носеше на рамо. Го опоменував да се напие вода, велеше ‘не ми треба ништо’. Се прашував дали ќе успеам да ја снимам невестата оти таа една минута гледа низ прстенот. .Пред да дојдат свaтовите ја повикав да излезе за да направиме фотографија. Задоволен дека најважната фотогрaфија ја направив се вратив кај камерманот и го прашав дали сними, а тој ми рече ‘не, вода пиев тогаш“, шеговито раскажа Ставрев.
Изложените фотографии се избор од илјадници други со фолклорни мотиви кои ги има во својата архива. Вели дека оваа љубов за фолклорот е паралелна со онаа за планината. Изожбата ја отвори заменик градоначалничката Емилија Костурска која му рече на Ставрев дека Битола се гордее со него.
Директорката на Центарот за култура Маја Андоновска Илијевски, рече дека за еден уметник да успее да го надживее својот физички живот овде на земјата, постојат луѓето кои ги создаваат фотографиите, а тие остануваат многу после нас да кажат што било.
Етнологот Валентин Соклевски рече дека Ставрев е човек кој неуморно со децении со својот апарат го впива битолското секојдневие во сите сфери и остава зад себе трага која не се брише.
„Тој е хроничар на фестивалот ‘Илинденски денови’ со децении. Низ неговиот фотографски светоглед поминале генерации, играоци, инструменталисти и интерпретатори“, рече Соклевски.