2win800x200

Чулакоски „изгоре“ за гондола, а НЕ гласа за велопатеки за Битола со обезбедени 400 илјади евра европски пари

Март 24, 2024
фото Битоланјус фото Битоланјус

Советникот од независната листа Поинаку во битолскиот Совет Иван Чулакоски, денеска објави видео дека со костум се спуштил на штица за сноубординг од врвот на Пелистер, барајќи од градоначалникот Тони Коњановски и општина Битола да ја започне постапката за изградба на гондола на Пелистер, проект кој според него ќе го раздвижи туризмот и економијата на Пелистер и Битола.

-Оваа година за Гондола на Пелистер која е едногласно изгласана од сите советници, но Градоначалникот на Општина Битола , Тони Коњановски не сака да ја започне постапката за досега најголемиот проект за развој на туризмот и економијата во Битола и регионот, објави Чулакоски.

Општина Битола, лани есента  издвои 65.000 евра за проектна документација, односно по два милиона денари годишно во 2024 и 2025 година за изработка на  физибилити студија и техничка документација за гондола на Пелистер. Сега во март на седница на Совет беше донесена одлука за отпочнување на постапката за изработка на проектната документација.

За изградба на гондолата потребни се со милиони евра, што значи дека општината треба да направи сериозен исчекор за крајна реализација на овој крупен проект, кој треба да возврати со развој на Битола и туризмот на Пелистер.

Наспроти идејата за гондолата, истиот советник, Иван Чулакоски, овој месец на седница на Совет, пак кажа - НЕ за гласање за изградба на велопатеки во Битола, проект поддржан со 400 илјади евра европски пари.

Чулакоски отиде дотаму што ги нарече „матни пари“, 400 илјади евра донација од ЕУ за велопатеките.

-И што? Неќиме бе! Ќе направиме со наши пари, неќиме со тие, такви матни пари!, рече Чулакоски од говорницата за парите предвидени од европскиот проект.

На веста за потегот на Чулакоски со спустот од Пелистер, следеа бројни реакции од битолчани.

Едни пишуваат дека Чулакоски по седум години советник во Советот на Општина Битола резултатот е „басни за мали деца“, како и тоа дека го среди Копанки и воздухот го исчисти, останува уште гондолата.

Највпечатлива е пораката на поранешниот битолски политичар и пратеник Науме Симјановски на социјалните мрежи на Чулакоски му пишува – „Првенствено вашето видео издание од врвот на Пелистер, покажува дека со вашата опрема за бордање, си претставувате опасност сам за себе, па и за екипата која ве однела до таму, и прикажувате флагрантно кршење на безбедносните правила за обавување на дејност зимски спорт. Во вакво издание во било кој европски зимски центар нема да ви биди дозволено да се качите на борд, а не камоли да давате изјава и објавувате видео спот. Со ваквото ваше однесување, ги нарушувате етичките планински правила на однесување, и го нарушувате интегритетот на нашата убавица Баба Планина. А за да земете право да дискутирате за зимски спортови и развој на туризам, прво би требало добро да се припремите, и едуцирате, да ги побарате и да ги прочитате, Швајцарската студија за развој на Пелистер како зимски центар, двете студии од Словенците- кои ги финансираше Стрежево и Општина Битола, студијата од Грчката развојна фондација-ДЕА - финансирана од ЕУ и Општина Битола, за развој на туризмот на потпелистерието, и најновата Студија за оснежување на мини локацијата на Зимскиот туристички центар- Ниже Поле. Потоа да одржите неколку сеанси со стручните служби во Општина Битола, за урбанистичко и градежно планирање, а можете и да претрчате и до Скопје, да се запознаете за начинот со кој е пропишана постапката за стратешко инвестирање во Република Македонија, пишува екс пратеникот Симјановски.  

 

 

Објавено од А.Б 

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани