
АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
„Првпат кога ја добив менструацијата бев исплашена и плачев. Никој немав дома, се јавив кај баба ми да и’ кажам. Сега кога размислувам за тоа не би реагирала исто. Тоа е нормална работа и нема потреба од страв.“ „Прв пат добив менструација на 15 години и ми беше срам дека е касно, за разлика од другите девојчиња. Затоа лажев на колку години добив.“ „Менструација - Срам од ништо и од никој“, „Болка што се памети цел живот“, „Радост дека ќе бидам мајка“, ова се дел од искуствата и размислувањата на средношколците од Медицинското училиште „Д-р Јован Калаузи“ во Битола дадени на работилниците во рамките на проектот „За менструална правда”.
Најголем дел од учениците на работилниците се уште не зборуваат отворено на оваа тема, па многумина споделуваат: „Немам никакво искуство, само сум слушнала за различни ситуации“, што на некој начин не им е пријатно да се изјаснат на темата. За учениците образованието за менструацијата е површно, а емпатијата слаба иако сметаа дека ни една ученичка не треба да се плаши да каже: „Ми треба влошка“ или „Можам ли да излезам од час?“ - без да почувствува срам или осуда.
Терминот менструација често пати е заменуван со изразот: „Дојде тетка ми од Швајцарија“, или „биолошка“, па средношколка смета дека треба да се разбие таа стигма - „Да прекини шифрирањето, бидејќи менструалниот циклус не е срам.“
„За менструална правда” е проект спроведуван од Организација на жени на Општина Битола во партнерство со Саншајн кидс Кичево. Проектот започна на 1 јануари годинава и ќе заврши во септември. Овој проект е субгрант добиен во рамки на „ЕУ поддршка за Граѓански ресурсен центар – фаза 2” финансиран од Европската Унија.
Целна група на проектот се средношколки на возраст од 15 до 19 години, кои се соочуваат со значајни предизвици во однос на хигиенските потреби при менструација, но во Битола за работилниците интерес пројавија и момчиња.
Во работилниците се вклучени 286 средношколци, од нив 38 се машки.
„Целта на проектот е да се зголеми свеста и да се промовира правото на менструално здравје и хигиена, со акцент на достапноста на менструални производи, образованието за менструација и разбивањето на менструалната стигма“, вели Светлана Папачек, проектен координатор од Организација на жени -Битола.
Папачек додава дека со оглед на тоа што средното образование во Република Северна Македонија е задолжително, значи дека овие млади жени мораат да присуствуваат на училиште, без оглед на нивните финансиски услови. Многу од нив потекнуваат од семејства со ограничени финансиски ресурси, што резултира со недостаток на основни хигиенски производи, како што се хигиенски влошки и средства за лична хигиена.
Од таму смета дека „оваа ситуација не само што влијае на нивната физичка благосостојба, туку и на нивната самодоверба и училишна продуктивност.“
„Наша цел е подобрување на менструалното здравје и свеста во заедницата, намалување на стигмата поврзана со менструацијата, девојчињата ќе бидат охрабрени да се залагаат за своите менструални здравствени потреби“, наведува Папчек.
Сепак, средношколците вклучени во проектот покажаа критички став околу третманот на менструалното здравје во медиумите, па реагираат што на рекламите за хигиенски влошки во најголем дел крвта е претставена со сина боја, наместо со црвена, на рекламите девојките среќно „летаат“ поради некоја влошка, додека во реалноста менструацијата може да значи болка, непријатност, анксиозност и, за жал, страв од „социјален линч“.
„Тоа што го гледаме на рекламите да биде реална слика, а не сина крв.“ „Да има повеќе дебати на телевизија за менструацијата и менструалниот циклус- реални.“ „Оваа тема не смее да биде табу за медиумите“ ,сметаат битолските средношколци нагласувајќи дека медиумите и училиштата треба да станат сојузници во рушењето на овие табуа.
Инаку, најголем дел од училиштата немаат услови за менструална хигиена, па од Организација на жени -Битола наведуваат дека проектот ќе работи девојчињата да бидат охрабрени да се залагаат за своите менструални здравствени потреби, бидејќи најголеми предизвици поврзани со менструалната правда се недостатокот на бесплатни производи за хигиена и лошите санитарни услови во училиштата.
„За да се адресираат овие потреби, проектот предвидува поставување на корпи со хигиенски влошки и средства за хигиена во женските тоалети во училиштата. Оваа иницијатива ќе им овозможи на средношколките да се чувствуваат поддржано и да имаат пристап до неопходните ресурси, што ќе придонесе за подобрување на нивната состојба“, наведува Папачек.
текст Анета Блажевска
фото Светлана Папачек