2win800x200

Битолската „БВ инженеринг“ што ја асфалтира улицата „Бурса“, вели асфалтот попуштил од тешкиот транспортен сообраќај

Мај 23, 2025

Фирмата „БВ инженеринг“ од Битола што ја асфалтира и реконструира улицата „Бурса“ во Битола или попозната како обиколницата во индустрискиот дел на градот вели дека асфалтот на коловозот попуштил од тешкиот товарен сообраќај, односно дека се работи за „надворешни фактори“.

Во соопштението испратено до јавноста фирмата „БВ инженеринг“ наведува - 

„Првичните наоди, укажуваат дека интензивниот тешко-транспортен сообраќај во изминатиот период, значително влијаел врз интегритетот на коловозната конструкција. Иако сите материјали и процеси беа усогласени со договорените стандарди, овие надворешни фактори доведоа до забрзана деградација на површинскиот слој.“ и додаваат дека

“Приоритет ни е реконструкцијата да биде завршена во најкраток можен рок, со трајно решение што ќе ги издржи максималните оптоварувања од тешките товарни возила“, велат од „БВ инженеринг“.  

По улицата „Бурса“ точно е дека поминуваат тешки - товарни возила со оглед на тоа што во тој индустриски дел од градот има стотина бизниси од различни гранки, кои со децении наназад трпеа штети поради лошата патна инфраструктура. 

Понатаму фирмата „БВ инженеринг“ како изведувач на проектот за реконструкција на улица „Бурса“, ја информира јавноста дека веднаш по увидот, презела сè што е нужно за целосно и трајно санирање на појавените оштетувања на асфалтот. 

„Во координација со Општина Битола, Единицата за имплементација на Проектот за поврзување на локални патишта, Министерството за транспорт и врски и Светска банка, започнати се детални лабораториски испитувања на вградените материјали. Паралелно, нашите тимови го подготвуваат теренот за изведба на корективни зафати веднаш по добивање на резултатите и дефинирање на најсоодветното техничко решение, кое секако ќе биде со највисоки возможни стандарди“, наведува „БВ инженеринг“ и како што вели без дополнителни трошоци за општинскиот буџет на Битола. 

Од градежната фирма уште наведуваат -„ Свесни сме за непријатностите кои се создадоа и уверуваме дека ќе работиме транспарентно, одговорно и доследно сè додека улицата „Бурса“ не биде целосно безбедна и функционална. Ви благодариме за трпението и разбирањето.“, се вели во соопштението на „Бв инженеринг“.  

 

Сосотојбата со новиот асфат на улицата „Бурса“ во Битола предизвика бура од реакции во јавноста.  

Градоначалникот Тони Коњановски рече дека иако Општина Битола не е директен финансиер на овој проект, како краен корисник има одговорност да бара квалитетна реализација, без дополнителен финансиски товар врз општинскиот буџет. Градоначалникот потврди дека во моментов се вршат лабораториски испитувања на вградениот асфалт, чија анализа треба да покаже дали се исполнети потребните критериуми, посебно имајќи го предвид фактот што низ улицата треба да сообраќаат тешки товарни возила.
 
„Нашата заложба е јасна – да изградиме инфраструктура што трае. Тоа треба да биде заложба и на секој изведувач на градежните работи. Тука сум за да најдеме решение и да спречиме појавување на вакви проблеми на други локации. Од секоја идентификувана слабост мора да извлечеме поука и да поставиме повисоки стандарди за секој нареден проект, а со тоа да спроведиме решенија и да не дозволиме неквалитетна изведба“ додаде Коњановски, кој за време на целата реализација на проектот ја следи изведбата на терен.

 

Улицата „Бурса“ е во должина од 2.418 метри, во овој проект се вложени 37,6 милиони денари, средствата обезбедени од Светска банка во рамките на проектот за поврзување на локални патишта.

А.Блажевска 

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани