2win800x200

Битолскиот Совет го прифати грантот од милион евра од ЕИБ

Ноември 07, 2025

Новиот Совет на Општина Битола деблокира големи инфраструктурни проекти за градот и го прифати грантот од Европската инвестициска банка во висина од 1 милион евра.

На вонредна седница средствата од грантот се прифатени, а ќе бидат наменети за реконструкција на водоводни мрежи на седум локации во Општина Битола, од кои пет се во градското подрачје, а две во руралните средини.

За прифаќање на грантот гласаа само советниците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, ЛДП, ЗНАМ, ДУИ и граѓанската иницијатива ГРИН. Претходно седницата ја напуштија СДСМ, Поинаку и Левица.   

Овој грант речиси една година беше закочен од претходниот Совет (од советниците на СДСМ и Поинаку кои тогаш имаа мнозинство), а беше одобрен од Владата на Македонија преку Министерството за животна средина.

„Грантот од Европската инвестициска банка во висина од 1 милион евра е наменет за шест километри водоводна мрежа и четири километри канализациони линии. Грантот беше одобрен за сите општини во државата, а Битола е една од последните општини која не ги имаше искористено средствата, бидејќи претходно имаше опструкции и кочници во Советот. Сега јавната набавка ќе биде распишана од страна на министерството, ќе изберат изведувач и ќе започне реконструкцијата во наредната градежна сезона, бидејќи оваа е при крај“, рече Бојан Бојкоски, новиот претседател на Советот на општина Битола.     

Со овие пари треба да се реконструираат водоводните мрежи и канализации на пет улици во Битола меѓу кои и Булеварот „1 мај“, потоа изградба на водноснабдителен систем за село Лисолај и изградба на фекална канализација за потпелистерското село Трново, во втора фаза. Покрај подземната инфраструктура, улиците ќе добијат и нов асфалт.

Европскиот грант беше изгласан од мнозинството на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, советниците на ЛДП, ЗНАМ, ДУИ и Граѓанската иницијатива ГРИН. Останите советници од СДСМ, независната иницијатива Поинаку и Левица, претходно ја напуштија седницата бидејќи сметаа дека на вондредна седница не треба да има 11 точки на дневен ред.

„Јас сум нова советничка во Советот, вчера бевме информирани дека ќе имаме само една точка на дневен ред, и имавме позитивно размислување за таа точка, но денес кога видовме дека ќе имаме точно 11 точки, без да имаме шанса да бидеме подготвени, цениме дека сме фатени на препад, цениме дека немаме услови за работа и ова не е фер атмосфера за работа. Нашата советничка група ќе ја напушти седницата“, рече Софија Ристевска - Петрушева од СДСМ.

На недоволна информираност за точките на дневен ред реагираа и советниците на ЛДП и ГРИН, но останаа во салата и гласаа „за“ прифаќање на грантот од ЕИБ.

„Она што го зборувавме вчера дека ќе имаме конструктивен Совет, дека ќе носиме одлуки од консензус денес пропадна во вода. Јас сум да се повлече дневниот ред ако е возможно и да донесеме одлуки само за донациите. Можеби сакам да го поддржам тој проект но не сум доволно информиран“, рече Димитар Кузмановски, советник на ЛДП, кој гласаше за прифаќање на грантот.

Претседателот на Советот Бојкоски каже дека советниците на СДСМ, „Поинаку“ и Левица политичката битката треба да ја водат во Советот.

„Проблемите на граѓаните не се решаваат со бегање. Се решаваат тука во оваа сала преку разговор и дебата меѓу избраните советници. Денешното бегање е срамно“, рече Бојкоски.

Закочениот грант се провлекува со месеци наназад, мнозинството советници во претходниот битолскиот Совет гласаше воздржано за кредитот од 1 милион евра од Европската инвестициска банка. Тогашната претседателка на Советот Габриела Илиевска велеше: „Не ни се доделени, некој ќе треба да ги враќа. Сега зборуваме дали сакаме да се дозаглавиме.“

Лани во ноември влада на Христијан Мицкоски објави дека нови 50 милиони евра, кредит од Европската инвестициска банка, кои биле обезбедени, но не и искористени, ќе им бидат на располагање на општините. Првиот вицепремиер и министер за животна средина, Изет Меџити кажа дека се работи за средства кои се добиени во времето на владата на СДСМ, но досега не се реализирани, а се наменети за еколошки проекти, за хортикултурно разубавување на општините и за подземна инфраструктура – канализации, водоводи. Меџити рече дека –„Парите се веќе добиени, плаќаме и камата, но не се искористени.“ 

Образложението на советниците од ВМРО-ДПМНЕ беше дека државата зела заем, а не дека ќе земе Општина Битола. Односно дека за реконструкција на водоводни линии и канализациони мрежи проектите ќе се одвиваат со тендери преку Министерството за животна средина, а битолскиот Совет треба да даде согласност за градоначалникот Тони Коњановски да го потпише договорот со Министерството за животна средина.  

Анета Блажевска

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани