АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Вчерашното невреме проследено со силни врнежи од снег најголеми проблеми во снабдувањето со електрична енергија предизвика во Битолскиот регион, информираат од ЕВН. И натаму без струја се неколку градски населби, како и повеќе села во Општина Битола, а струја нема и во селата во Новаци, Демир Хисар, Прилеп, Маврово, Кичево.
-Поголемиот дел од дефектите се во регионот на Битола, претежно во планинскиот дел каде што прекините се предизвикани од кинење на проводниците од паднати дрва кои не можеле да ја издржат тежината на снежните наноси. Дефектите беа локализирани, тимовите на ЕВН за интервенција веднаш почнаа со работа на терен, вели Атанас Ковачевски, портпарол во ЕВН.
Струја од вчера нема во потпелистерските села Дихово и Брусник, како и во речиси сите погранични места Породин, Велушина, Лажец, Егри, Кишава, Граешница, потоа во Цапари, Карамани, Трн, Долно Оризари.
-Веќе се организирани дополнителни тимови од Струга и Охрид кои во тешко пристапниот терен работат за што побрзо отстранување на дефектите во планинските населени места во Битолскиот регион, наведуваат од ЕВН
Исто така невремето без електрична енергија ги остави жителите во повеќе населени места во Општина Новаци- Добромири, Будаково, Агларци, Мусинци, Бач, Гермијан и др.
Битолчани на социјалните мрежи жестоко реагираат, посебно оние кои се затоплуваат на електрична енергија, затоа што без струја се веќе 24 часа. До редакцијата на апла.мк има реакции и од жителите во руралните средини, посебно сточарите, чии фарми не можат да функционираат без електрична енергија, затоа што и млиновите за сточна храна, како и молзењето на кравите се извршува со електрични уреди.