АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Битолчанки носеле елегантни венчални фустани и превези на свадбените церемонии уште кон крајот на 19 и почетокот на 20 век. Ова го вели познатиот битолски фотограф Петар Ставрев кој пред неколку години на Локум фест ја постави изложбата „Битолски свадби“. Тогаш имаше можност да избере фотографии од богатиот опус на Милтон Манаки.
На старите фотографии се гледа дека токму преку свадбената церемонија битолките семејства го покажувале својот престиж во општеството. Невестите се во раскошни бели фустани, со долги превези, уште во тоа време со чантички за пари кои висат на рацете, качени на пајтони или коњи. Зетовите се облечени во костуми, со бели ракавици на рацете, некои се фесови на главите. Околу нив мноштво од славеници што би се рекло по битолско, кој од кој подотеран.
-На фотографиите се гледааат свадбените обичаи во битолско уште во турско време. Невестинските фустани се многу убави, па се претпоставува дека биле донесени од надвор зашто се во карактеристична мода „ала франга“. Сите невести во градот се облечени во бело, а по селата во носии. Многу невести има качени на коњ што значи не било традицијата само во Галичник невестата да се качува на коњ, туку и во овој реон овде- вели Ставрев.
Во фотодокументацијата на Манаки зачувана во битолскиот Историски архив има и фотографии од свадбите на познати битолски семејства. Меѓу нив, слика од свадбата на Деспа Манаќа, член на семејството Манакиеви, од познатата трговска фамилија Гогу , свадбен портрет на ќерката на Хаџи Беј, потоа од венчавката на Василије Дијамандија, кој потекнувал од семејството на Дијамандија Мишајков, еден од првите дејци кои ја протежирале идејата за национална посебност на Македонците.
Повеќето од фотографиите се групни, со многу сватови и гости, направени пред црква или пред домот на невестата. Така зачувани се слики од свадбарски веселби на некогашен Курделес или Бел Камен во Битола.
-Сите гости биле елегантно облечени што го покажува стилот на битолчани уште на почетокот на 20 век. Жените присутни на свадбените церемонии носеле мошне интересни и раскошни шапки, мажите со бастуни, кравати, убаво дотерани. Елегантни, што би се рекло облечени по европска мода- вели хроничарот на Битола, Александар Стрејовски.
Има и свадбени портрети на младоженците направени во фотографското ателје на браќата Манаки што говори за навиката на тогашното населние еден од највеселите мигови од животот да го овековечи на фотографски запис.
Ж.З.