АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Со семафори кои наизменично ќе ги пропуштаат возилата по една коловозна лента, ќе се регулира сообраќајот на обиколницата над Битола која поради одрон на камења е затворена повеќе од една година. Од Јавното претпријатие за државни патишта најавуваат дека деновиве ќе биде отворена, иако станува збор за времено решение, додека се работи на санација на свлечиштата на овој дел од магистралниот пат Охрид-Битола-Прилеп.
Градежните работи на обиколницата почнаа пред неколку недели, а на местата каде има одрони се поставуваат челични мрежести коцки со камења. Но, деновиве се активираше и ново свлечиште, што дополнително ја усложнува работата
-Министерството за транспорт и врски издаде решение по барање на фирмата изведувач АД „Илинден“ од Струга за времена измена на режимот на сообраќа, додека се работи на санација на свлечиштето. Најверојатно следната недела ќе бидат поставени семафори со наизменично пропуштање на возила по една лента и сообраќајницата ќе биде отворена, со што ќе се растовари сообраќајот во градот. Во меѓувреме се работи на измена на проектот, со кој ќе се решава и проблемот со новото свлечиште, изјави за Апла.мк Сашо Здравески, државен инспектор во ЈП за државни патишта
Свлечиштето на обиколницата се појави за време на големите поплави во Пелагонија пред речиси 3 години. Заради одрони, патот често беше затворан за сообраќај, а по расчистувањето повторно се пушташе во употреба. Но, минатата година,беше поставена целосна забрана, иако возачите често не ја почитуваат, при што возат на ризична делница каде неодамна се активираше и ново свлечиште.