АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Стотина средношколци се приклучија кон акцијата за пошумување на зелен појас околу Рударско-енергетскиот комбинат „Битола“. Тие засадија повеќе илјади багремови садници на старите одлагалишта со пепел во РЕК за да се заштити животната средина од загадување. Бидејќи повеќето од тинејџерите немаа засадувано дрвца на припомош дојдоа од Здружението за доброволно младинско ангажирање кое е составено од бригадири кои пошумувале во социјализмот. Дрвца засадуваа ученици од двете битолски гимназии, Економското, Медицинското училиште и други.
Душко Јанкуловски, претседател на Здружението за доброволно младинско ангажирање рече дека поставија бригадири на групите засадувачи да им објаснуваат како се сади бидејќи за некои ова беше прво искуство.
„Добро е да се навикнат малку на работна навика и да научат како да се грижат за природата. Во минатото се работеше на изградба на канали, автопатишта, а сега во овој период акцентот се става на заштита на животната средина, мислам дека најважно е да се пошумува зашто шумата и за РЕК и за Битола се белите дробови“, рече Јанкуловски.
Минатата недела на одлагалиштето пошумуваа вработени во Комбинатот и друѓи доброволци. Акцијата продолжува за создавање на зелен појас околу РЕК.
Ж.З.