АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Сите оние кои досега не го посетиле Бигорскиот манастир деновиве имаа можност да ги погледнат верните копии од иконите изложени во битолската Магаза. Изложбата „1000 години Бигорски манастир“ беше организирана во рамки на Фестивалот „Илинденски денови“. Беа изложени копии на чудотворните икони од Бигорскиот манастир зачувани дури од 11 век, па наваму.
Меѓу копиите беше и онаа на чудотворна икона на Св. Јован Крстител за која се верува дека постои од почеток на 11 век, а во 1885 година била облечена во сребрен оков. Според писанијата на Бигорскиот манастир, од иконата, од лицето на светителот прикажано на неа, се излева несоздадена и незалезна светлина, која носи мир, спокојство и радост. Се верува дека иконата им помогнала на многу верници кои се помолиле, па затоа монасите кои живееле тука во XIX век, на оковот од иконата, како сведоштво, додале и трета рака, во спомен на чудата што Крстителот ги прави преку неа.
Едно од чудата е и самиот начин, на кој иконата му се открила на ктиторот. Таа, според преданието на манастирот, едноставно лебдела во воздухот над изворот со вода, на чие место денес се наоѓаат трите чешми под црквата. Чудо било и нејзиното исчезнување во немирните и тешки времиња, низ кои минувал манастирот. Таа не била уништена, во неколкукратното пустошење на манастирот.
Во низата беше и копијата на иконата „Достојно ест“, која е верна копија на иконата на најголемата светогорска светиња. Таа беше изработена во 2009 година и донесена во Манастирот откако се благослови кај оригиналната на Света Гора.
Изложена беше и копија од капакот на кивот со мошти чиј оригинал го исцртале згографите Михаил и Димитар уште во периодот од 1833-1835 година. Според интернет страницата на Бигирскиот манастир, кивотот за мошти бил направен по нарачка на игумен Арсениј и бил заедничка работа на зограф, резбар и сребрар. На капакот од надворешната страна на кивотот, во медалјон од ковано сребро, е изработено Распетието Христово, а од внатрешната страна, зографите Михаил и Даниил ги живописале ликовите на светиите, чии мошти се вградени во кивотот. Истите овие ликови се прикажани во сребрена релјефна гравура, претставени во кивотот. Тука се наоѓаат моштите на Св. Јован Крстител, кои се мироточиви и исцелителни, како и оние на Св. Марина, Св. Параскева, Св. Евстатиј, Св. Пантелејмон, Св. Јаков, Св Јулита и Св. Кирик, Св. Трифун, Св. Харалампиј и Св. Никита. На средината на кивотот е изгравиран еден голем сребрен крст, во кој е вградена честичка од Чесниот Крст на нашиот Спасител – Господ Исус Христос. Овие светињи биле донесени од Цариград и биле подарени на манастирот од богатиот трговец Хаџи Наќе од село Беличица.
Меѓу другите копии беа и оние од иконите Собор на Светите 12 апостоли ,престолна икона живописана од зограф Михаил во 1831 година. Па, Богородица Царица со Исус , престолна икона од зографите Димитар и Михаил 1831 година, Богородица со Христос и Св Јован Претеча од Маихаил зограф 1829 година работена во дрво и темпера, Плаштеница оплакување Христово од Димитар зограф во 1834, Исус Христос Великиот Архиереј, икона на зограф Димитар јеромонах за владички трон 1833 и други.