Од изворот Сребрена вода во близина на Битола тече здрава и хемиски исправна вода за пиење, покажа анализата направена од Управата за хидрометеоролошки работи во Скопје изработена на иницијатива на министерот за локална самоуправа Горан Милевски.
-На моја иницијатива, УХМР изврши испитување на изворот Сребрена вода во близина на Бистрица, од каде голем број на битолчани се снабдуваат со питка вода.
Се испитуваа општофизички и хемиски параметри и метали во трагови.
Според испитаните параметри, водата е здрава, доста помека од скопската вода и поубава за пиење.
Остануваат се разбира бактериолошките испитувања кои не се во доменот на УХМР, а кои се важни за квалитетот на водата за пиење.
Гајби вода за пиење се полнат од битолчани и од граѓани од околните градови кај месноата Сребрена вода, години наназад.
Никој точно не знае каква тајна крие таканаречената сребрена вода што извира крај црквичката „Свети Ѓорги“ во близина на битолските села Крстоар и Бистрица. Тука се случува вистински феномен. Не само што водата е бактериолошки чиста додека повеќето планински извори од околината се загадени, туку и со месеци да се чува во шише ја задржува бистрината и не развиваа бактерии. Со ваквите својства стана многу популарна, па по слободна проценка може да се каже дека половина Битола од тука полни вода за пиење. Посетеноста е толку голема што не ретко битолчани со торби пластични шишиња чекаат редици за вода.
Квалитетот на водата го испитале и од Центарот за јавно здравје во Битола. И нивните анализи покажаа дека оваа вода е исправна за пиење, а квалитетот не и се губи. Ова според стручните лица на Центарот најверојано се должи на длабочината на изворите.
Некои хемичари, пак, се сметаат дека треба да се испита дали водата содржи сребро кое можеби придонесува таа да не се мати и во која количина го има.