2win800x200

МОН: бојкотот на наставата не е опција за учениците, да ја заокружиме успешно учебната година

Мај 03, 2021

 

По добиените информации дека изолирани групи на ученици во неколку училишта во државата по насоки од родителите и старателите ја бојкотираат наставата, Министерството за образование и наука упатува апел за разумност и повторно приклучување кон останатите деца од нивните класови, затоа што постапката не оди во прилог на нивната едукација. Секој пропуштен час, особено сега кога воспитно – образовниот процес се организира во вонредни околности и во услови на пандемија, значи пропуштено знаење, кое тешко се надоместува, пораќуваат од МОН.

-Причината за бојкотот на наставата е неоправдана, ако се има предвид дека дигитализацијата на образованието е глобален процес кој се случува во голем број земји во светот, а Северна Македонија мора да фати чекор со современите трендови и да се приближува кон стандардите за квалитет на образование кои ги наметнуваат развиените општества, соопштија од МОН.

Дигитализацијата на материјалите за учење е дефинирана во новиот Закон за учебници и други наставни и дидактички материјали и предвидено е истата да се случува етапно, почнувајќи во четврто одделение од следната учебна година, така што во овој момент тоа воопшто не ги засегнува средношколците и тие немаат причина за отсуство од настава по тој основ.

-Законското решение кое се однесува на учебниците е во целосна согласност со потребите кои ги наметнува светот во кој тие живеат, а тоа е светот и ерата на дигиталната технологија и никој од нив не треба да поттикнува или поддржува отпор кон промени во чиј фокус е нивниот најдобар интерес и промени кои ќе ја унапредат наставата, интеракцијата помеѓу наставниците и учениците, ќе го намалат обемот на домашните задачи и работата на родителите и старателите со учениците и ќе донесат подобрување на севкупниот квалитет на националниот образовен систем, наведуваа од Министерството и апелираат учениците да ја продолжат наставата и успешно да се  заврши учебната година.

 

МОН информираат  дека реформата на образовниот систем е потребна и според мнозинството наставници и родители, дури и задоцнета.

-Со новите наставни програми, учениците се ставаат во центарот на образовниот систем. Министерството за образование и наука ги разбира дилемите што ги имаат родителите, велат од МОН.

Од МОН сметаа дека  со реформата децата ќе поминуваат подолго и поквалитетно време на училиште каде ќе учат директно од наставниците, а помалку време ќе им биде потребно да учат подоцна самите. Дигитализацијата на учебниците, лесното пребарување по нив и користење на напредни мултимедијални содржини ќе овозможи побрзо и поефикасно да учат и се развиваат. 

Од МОН појаснуваат дека се дигитализираат учебниците, не целосно наставата. 

ИТ технологијата ќе биде само дополнително помагало во ситуации кога наставните теми го наложуваат тоа. А, оваа  модернизација на образованието воопшто не значи укинување на книгите, децата ќе развијат однос со книгата во пониските одделенија, преку лектирите и на училиште. 

-Овој комбиниран пристап практично ќе им овозможи на децата да имаат достапни материјали во дигитален формат како и да ги користат секаде и во секое време. Целосна манипулација е дека дигиталните учебници се воведуваат за намерно да се продолжи со онлајн наставата. Учениците ќе се вратат во клупите каде им е местото, порачуваат од МОН. 

 

 

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани