АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
На битолскиот рид Кркардаш, од каде градот се гледа како на дланка, на местото каде во 14 век загинале мачениците, се издига црквата „40 маченици“ која денес ја празнува својата слава.
Таа прво беше мало црквиче, но со многу голем култ кај народот. Потоа градежното претпријатие „Пелистер“ од Битола, покажувајќи ја својата хуманост ја прошири и догради, па денес е снабдена и со вода и струја. Во изминатите години околината многупати страдаше од пожари, но на пламените јазици како да им се спротивставуваше некоја сила, па никогаш не успеаја да го дофатат храмот.
Иако за да се стигне до црквичката потребно е да се искачат десетици скали, тој е еден од најпосетените храмови во битолската околина. За време на неговата слава која се паѓа на денешен ден, црквата ја посетуваат дури и по пет илјади битолчани.
-Црквичката е изградена точно до големиот бел камен каде биле убиени 40-те маченици. Каменот и денес е неделив дел од црквата. Прилепен е од надвор на еден од ѕидовите, па тука верниците палат свеќи. Од другата страна на ѕидот, внатре во црквата, направено е посебно место со икони и кандила, а тече и лековита вода- вели Васа Станковска, битолчанка која го чува клучот од црквата.
Познато местото на погибелот, но не се најдени телата
Повеста за страдањето на битолските маченици датира во втората половина на 14 век кога османлиските војски трганле да завладеат со Балканскиот Полуостров. Откако без борби го освоиле Прилеп, ја опколиле и Битола. Но, тука се судриле со отпор од страна на населението кое било многу религиозно на што укажуваат и податоците дека во Битола во тоа време имало седумдесет цркви и манастири, па градот бил нарекуван и Манастир.
Се верува дека во тоа време, проповедниците на верата, претежно млади монаси, триесет и девет на број се повлекле во манастиот „Свети Георгиј Победоносец“. Од таму го храбреле народот да се бори за својата вера. Останале раскажувања дека по пат на предавство, Османлиите успеале да дознаат каде се криеле монасите, па ги заробиле. Се обиделе со ветување на богатство да ја скршат нивната вера и отпор, потоа и ги измачувале, но сѐ било попусто. Нив дури им се придружил и Турчин трогант од ниванат духовна длабочина. По ова, Османлиите сите четириесетимина и ги изнеле на битолскиот Баир и ги убиле. Нивните тела потоа биле однесени на Баба Планина, каде им се изгубила трагата.
Местото каде биле убиени до денес се нарекува Кркардаш, турски збор кој значи дека таму биле убиени браќа.
Битолчани бараат сега кога мачениците се прогласени и за светители да се доасфалтира патот кој води до црквичето.
Од канонизација на мачениците
Слично како што верниците фрлаа цвеќе пред нозете на Исус Христос кога тој влезе во Ерусалим, така битолчани со цвеќиња и зелени гранчиња ги послаа градските улици низ кои пред шест години минуваше литијата со иконата на новоканонизираните светители, 40-те битолски маченици. Широк Сокак и битолскиот соборен храм „Свети Димитриј“ беа претесни да ги соберат верниците кои присуствуваа на прогласувањето на битолските маченици за светци. Со два и пол часовната божествена литургија чиноначелствуваше архиепископот орхидски и македонски г.г. Стефан која мачениците ги нарече македонски духовни херои.
( Од литијата во 2012 година)
-Почитувањето на некој светител не е само во чинот на канонизирањето, туку обратно секогаш вбројувањето во списокот на светите се случува како последица на сенародното почитување. Овие наши духовни херои ни покажаа како се брани верата не со оружје туку со мир. Дури и од манастирот Симоно Петра од Света Гора ја напишаа службата за битолските маченици зашто со своите духовни очи видоа во Македонија и црква и верен народ- изјави г.г. Стефан..