АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Окупаторот мислел дека војува со баталјон, а спроти себе имал седуммина партизани, од кои три жени.
На денешен ден, на 22 април во 1942 година во близина на селото Лавци, битолско, бил формиран првиот битолски партизански одред „ Пелистер“. Годинава се навршуваат 76 години од првото организирање на битолчани во народноослободителен одред откако претходно дејстувале илегално.
Според записите на историчарот Јован Кочанковски, одредот „Пелистер“ го формирал Стив Наумов, како раководител на Месниот воен штаб, во Лавчанската корија кај Дванаесетте кладенци. Во стројот имало 21 партизан, а за политички комесар бил избран Таќи Даскало.
Бројниот состав на одредот го сочинувале 16 партизани од Битола и 5 од Прилеп, меѓу кои имало четири партизанки. По формирањето започнала обука за ракување со оружје и тактички вежби. За тоа биле одговорни Тодор Ангелевски- Строгов и Киро Крстевски –Платник. Посебно внимание се посветувало на идеолошко-политичката и културно-просветната работа.
При крајот на април започнале со подготовки за одбележување на Први Мај. Сите имале одредени обврски, кој обезбедување, кој припрема на храна или подготовка на програма.
Храброст и предавства
Според записите на Кочанковски, неочекувано во близина на логорот се нашол селски говедар од Брусник. Наводно, за да види што е тоа таму во шумата што чади. Стражата го привела, а Штабот откако го сослушал, одлучил да го ослободи за да не го бараат од селото. Партизаните не процениле што ќе изроди посетата на говедарот. Тој, откако бил ослободен, го известил кменот во Дихово, а тој окупаторската војска.
Така, Први Мај во реонот на партизанскиот логор пристигнала воена патрола која заробила тројца невооружени борци, кои прибирале дрва за потребите на логорот. Меѓу заробените бил и командантот на одредот Ѓорги Наумов, братот на Стив Наумов.
Одредот бил приморан да се префрли во Ореовската корија. Но, таму освен заробените партизани ги немало и оние што претходно чувале стража. Борбениот строј од 21 се намалил на 16 борци. Имале потреба да воспостават врска со партизаните од градот, но тоа било оневозможено поради блокадите на окупаторската војска. Еден од партизаните се предал и го предал и одредот. Благодарение на тоа непријателот имал податоци каде се наоѓал одредот, кај месноста Г.Збел и Неолица.
Останале 14 борци и наместо да го напуштат тој терен и да отидат на посигурно место, во Грција или преку Пелистер во италијанската окупирана зона, се обиделе да воспостават врска со Стив Наумов, во Битола испратиле уште двајца борци и бројот им се намалил на 12.
Ореовската епопеја
На трети мај војниците од 54 пешадиски полк и фашистичката полиција од Битола ја започнале операцијата за ликвидирање на партизанскиот одред. Непријателската војска им била на дофат на очите на партизаните. Бидејќи немало друг излез, вооружената борба со бројно и технички надмоќните окупаторски сили била неизбежна. Но, и во такви услови двајца успеале да го избегнат опкружувањето, еден ги напуштил позициите и двајца се предале.
На боиштето се нашле седумте најхрабри, од кои четири партизани и три партизанки: Taќи Даскало, Елпида Караманди, Димче Хаџипоповски од Битола и прилепчаните Мара Јосифовска-Ѓурѓа, Венда Темелковска-Ѕвезда, Јосиф Ордановски-Јоска и Ордан Михајловски- Оцка. Тие останале доследни на заветот за борба за слободна Македонија. Свесни за неизбежноста на ситуацијата, останале непоколебливи, решени пред олтарот на слободата на татковината, да го положат најскапоценото- младите животи, запишал Кочанковски.
Во жестоката и нерамна борба , од седмтемина херои, жива, но тешко ранета била заробена само Ѕвезда.
Кога окупаторските војници и полицајци дошле на местото на борбата, не можеле да поверуваат дека нивната единица водела борба само со седум партизани, од кои три жени. Поради лутиот отпор и голема пожртвуваност што ја пружиле борците, непријателот отпрво мислел дека спроти себе има цела баталјон, а не само неколкумина борци.
Тешко ранетата Ѕвезда била сведок на масакрирањето на мртвите тела на партизаните.
Загинатите борци од Ореовската епопеја, најпрво биле префрлени во болницата каде бил утврден нивниот идентитет, а потоа закопани кај полициската градина на патот за Охрид.
Конечниот биланс на првиот битолски партизански одред бил шест загинати во непосредна борба со фашистичката војска и полиција, двајца обесени во Скопскиот затвор ( Ѓорги Наумов и Блаже Рогузинаро) и девет осудени на разни временски казни. Четворица кои успеале да ја избегнат окупаторската освета повторно заминале во партизани, меѓу нив бил и Строгов.