АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Белградскиот режисер Златко Паковиќ, кој ја режира најновата претстава на Битолскиот народен театар „Јулие Цезар- рес публика или Коза Ностра“ чија премиера е во петок, на прес конферецнија направи споредба меѓу поранешниот римски водач Цезар и екс премиерот Никола Груевски.
„Цезар има можност да стане самоодржлив, да се издигне над законот. Шекспир нѐ доведе некој грозен човек, некој убиец, некој Ричард Трети или да речиме некој Никола Груевски да биде над законот зашто тогаш ќе беше лесно да сфатиме дека ликвидација или спречувањето на работата на таков човек е лесно воочливо зашто работи лоши работи. Не, тој го носи најдобриот. Шекспир сака да каже дека дури и најдобрите кога ја узурпираат власта и ќе се кренат над законот и со најдобра намера, како онаа на Цезар кој смета дека ја спасува републиката ако биде император, тогаш тоа е тиранија“, рече режисерот.
Тој додаде дека често јунаците на Шекспир ги споредуваме со лица од нашиот секојдневен живот, а тие не се дораснати за Цезар и Брут. Паковиќ рече дека театарот мора да биде општествно, социјално и политички ангажиран. Додаде дека се прават обиди да се убие театарот преку немање на театарска критика и искористување на ова уметност од одредени лица за да направат политичка кариера.
Инаку, во претставата Цезар ќе го игра жена, поточно актерката Соња Михајловска. Други актери се Иван Јерчиќ во улога на Марко Антоние, Борче Ѓаковски како Марко Брут, Никола Пројчевски како Касие и други. Во улогата на Цицерон е актерот Петар Горко кој цитирајќи дел од својата улога рече: „Денес Цицерон се срами што е граѓанин на оваа република која одлучи да изврши сопствено самоубиство“.
Директорт на Театарот, Иван Јерчиќ, најави дека сезонава во Народниот театар во Битола ќе режираат најзначајните режисери на денешницата од регионот и пошироко.
„Ќе се занимаваме со општествено или ако сакате дури и со политички ангажиран театар , кој се надеваме дека ќе биде жив, полетен, потентен, бескомпромисен, современ. Театарот не треба да биде место само за ефтина граѓанска забава, комфорт зона, во која публиката ќе се чувствува удобно во меките седишта на салонот, туку место во кое ќе се преиспитува животот, место каде ниту актерите, ниту публиката не се ослободени од општествно-социјалната одговорност“, рече Јерчиќ.
Драматургот Билјана Крајчевска истакна дека во оваа претстава покрај Шекспир, користени се и оригинални текстови од Аристотел, Цезар, Цицерион, како и историски извори за Мара Бунева и Менча Крничева.