По преземени мерки и активности од страна на полициските службеници од СВР Битола насочени против недозволената трговија со дрога и оружје, како и откривање на извршители на кривични дела како во Битола, така и во останатите градови на подрачјето на СВР Битола, само во последната недела извршени беа неколку претреси во дом и други простории, прегледи на лица и проверки, при што лишени од слобода биле повеќе лица, кај кои биле пронајдени и одземени различни видови дрога како марихуана, хероин, амфетамин, дигитални ваги и други предмети со траги од прашкаста и растителна материја. При реализираните активности пронајдени биле и украдени автомобили и останати одземени предмети.
Имено, на 29.09.2023 на ул.„Срем“ во Битола, по преземени мерки и активности, полициски службеници од СВР Битола го пронашле патничкото возило „опел корса“ со битолски регистарски ознаки, кое што два дена претходно од страна на В.Т.(30)од с.Логоварди било пријавено за украдено. Возилото е вратено на сопственикот. Само ден претходно од ул.„Караорман“ во Битола од А.А.(41)од Битола било одземено патничко возило „опел корса“ без регистарски ознаки, кое на 27.09. од страна Б.Б.(48) од с.Подино, Општина Могила, било пријавено за украдено. Возилото е вратено на сопственикот, а против сторителот ќе биде поднесена кривична пријава по чл. 242 од Кривичниот законик.
Во однос на активностите поврзани со недозволена трговија со дрога и оруже, на 26 и 27.09.2023 на подрачјето на СВР Битола се извршени четири претреси по добиени судски наредби, и тоа во с.Дихово, битолско, во Битола, Прилеп и с.Дебреште, прилепско, при што биле пронајдени и одземени марихуана, прашкаста материја, предмети со остатоци од прашкаста материја, сопственост на В.Ј.(23) од с.Дихово, 16 опаковки со грутчеста материја,20 опаковки со марихуана и цветови од канабис, сопственост на С.Л.(26) од Прилеп, марихуана, сопственост на Н.Т.(22) од Битола и пиштол калибар 7.65 мм, рамка за пиштол калибар 7.65 мм, сопственост на И.И.(53) од с.Дебреште. Лицата се приведени и против нив ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.
Во текот на изминатата недела лишени од слобода биле К.К.(25), К.А.(48) и П.В.(19), сите од Битола, В.И.(23) од с.Белче, демирхисарско и Т.С.(46) од с.Единаковци, кај кои била пронајдена и одземена марихуана, како и П.Д.(36) и К.С.(41), двајцата од Битола, кај кои била пронајдена и одземена грутчеста материја, и против сите нив ќе бидат поднесени соодветни пријави, а на 26.09.2023 на ул.„Довлеџик“ во Битола кај З.М.(40) од Македонски Брод, при преглед на неговото товарно возило „мерцедес“ со регистарски ознаки од Македонски Брод, биле пронајдени огревни дрва без соодветна документација. Дрвната маса е одземена и предадена на Шумска полиција, а од страна на СВР Битола ќе следува кривична пријава по чл.284-а од Кривичниот законик.
Во делот на безбедноста на сообраќајот, пак, Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај спроведува секојдневни акциски контроли со посебен акцент на контрола во делот на дозволена брзина, санкционирање на возачи кои управуваат возило под дејство на алкохол, како и контроли за непрописно престигнување и, секако, околу техничката исправност на возилата, при што за само една недела на подрачјето на СВР Битола преземени се 417 мерки за сторени сообраќајни прекршоци.