2win800x200

Не е точно дека Министерството за здравство купило нула вакцини

Јули 26, 2021

Факт е и дека имаше голем број на донирани вакцини за Македонија. Меѓутоа, не е точно дека министерот за здравство и Владата купиле нула вакцини против ковид, како што тврди оваа објава на Фејсбук. Купените вакцини, едноставно, доцнеа, иако договорите беа потпишани

Рецензираме пост кој беше споделен над 100 пати, иако е краток и неаргументиран. Всушност, преку споредба колку лубриканти и вазелин се купени, наспроти „нула купени ковид вакцини“, се прави спин.

Постот гласи гласи:

Филипче со Министерството за здравство има нула купено вакцини. Колку има купено Филипче лубриканти и вазелин?

Но, дали е вистина дека министерот за здравство и Владата купиле нула вакцини? Апсолутно, не.

Владата на Република Северна Македонија на 26-та седница на 7 декември 2021 година, ги усвои измените и дополнувањата на Програмата за задолжителна имунизација на населението во Република Северна Македонија за 2020 година со што се потврдува намерата на Министерството за здравство да учеството во COVAX Facility за набавка на 833.000 дози на вакцини за  ковид-19.

Програмата ќе се реализира во рамките на одобрените средства во висина од 487.900.000,00 денари, од кои 69.722.000,00 денари се предвидени за авансно плаќање на вакцините против ковид-19, известија тогаш од Владата.

Потоа, на 5 јануари 2021 година министерот за здравство, Венко Филипче, ги информираше и членовите на Владата за она што претходно беше објавено во јавноста, односно дека по интензивни преговори се обезбедени количини на вакцини за цела 2021 година и дека од компанијата „Фајзер“, се очекуваат првите над 5.800 вакцини и дека во тек се преговори и со други компании.

На крајот на јануари, со заклучок на Владата, Министерството за здравство доби задолжение да спроведе постапка за набавка на 200.000 единечни дози од САРС-КоВ-2 инактивирана вакцина против ковид-19 согласно со член 55 став (1) точка г) од Законот за јавните набавки, односно преку постапка со преговарање без објавување оглас.

Потоа на 46-тата седница на 19 февруари, Владата ја разгледа и ја усвои Информацијата за склучување на Анекс на Договорот за преземени обврски од 19.11.2020 година, склучен помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Глобалниот сојуз за вакцини (ГАВИ) (GAVI ALLIANCE), за набавка на одобрена вакцина за ковид-19 преку COVAX механизмот за обезбедување глобален и рамномерен пристап до безбедни и ефективни вакцини за ковид-19.

На 8 март 2021 стигнаа првите купени дози од руската вакцина „Спутник В“, од вкупно нарачаните 200 илјади дози.

Веќе на 30 април 2021 година, во земјава стигнаа 200 илјади дози од кинескиот производител „Синофарм“, директно купени со договор меѓу Владата и фирмата производител.

На 18 мај стигнаа вакцини од „Фајзер“, вкупно 4.680 кои се набавени со директен договор. Според договорт, Фајзер секој понеделник во нашата земја испорачува од 5.000 до 7.000 дози вакцини, односно 26.000 дози предвидени за цел месец.

24 илјади дози преку Ковакс системот пристигнаа во Македонија на 28 март. И тие се платени дози и купени, како и горенаведените.

До крајот на јуни е најавено и дека во земјава ќе дојдат половина милион „Синовак“ вакцини, како и 100 илјади Фајзерови вакцини, сите купени со директен договор.

Стануваше збор за набавка на дополнителни количини покрај оние од КОВАКС механизмот од 833.000 дози на вакцина, за кои Министерството за здравство изврши уплата на авансот и ја обезбеди финансиската гаранција, со што ги исполни финансиските обврски што произлегуваа по основ на склучениот договор.

Факт е дека Владата и Министерството за здравство се соочуваат со остри критики за спроведувањето на процесот на вакцинација. Дел од граѓаните кои се пријавиле во системот за вакцинација во Македонија, сè уште не се повикани да бидат вакцинирани, па го користат своето право да отпатуваат во Србија и да се вакцинираат таму.

Факт е и дека имаше голем број на донирани вакцини за Македонија. Меѓутоа, не е точно дека министерот за здравство и Владата купиле нула вакцини против ковид. Купените вакцини, едноставно, доцнеа, иако договорите беа потпишани.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани