АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Пишува: проф. д-р Александар Литовски
Низ историјата, успехот на големодржавните проекти кон Македонија, зависел од одмакедончувањето на Македонците. Од политичко-дипломатската трансформација на македонското национално прашање во македонско прашање. Затоа, ќе најдете низ сите светски архиви, милиони бугарски, српски и грчки докумети, како и документи од нивните западноевропски спонзори, кои зборуваат, анализираат, истражуваат, аргументираат и ламентираат за „македонско прашање“, ама сосема малку, такаречи како лорандитот од Алшар, ги има оние кои се „расправаат“ со македонското национално прашање.
Веднаш треба да се разјасни: специфичниот геополитички простор на Македонија и специфичниот историски развој на македонската нација, го оформиле македонското национално прашање како збир од отворени прашања и барања за национална, политичка, државно-правна, економска и културна самостојност на македонскиот народ. Од своја страна, сите претенденти и сите окупатори во Македонија, преку своите административни и воено–полициски апарати, преку своите национални пропаганди, настојувале македонското национално прашање да го претворат, или само во обично политичко и територијално прашање, или во составен дел од нивното национално прашање. Впрочем, таквата тенденција беше констатирана уште во периодот меѓу двете војни, па така, во весникот „Македонски вести“ од јули триесет и шестата година, поместена е статија со наслов „Чие е македонското прашање?“ на Коста Ламбрев, во кој пишува дека „владите на балканските држави, кои по силата на една освојувачка политика и војни владеат делови од Македонија, не го признаваат постоењето на македонското прашање како одделно македонско национално прашање, или чисто и просто го сметаат свое државно прашање.“
Во тие настојувања, кои ги детектира Ламбрев, македонското национално прашање целосно национално да се обезличи и да се претвори во „македонско прашање“, најголем успех имаше бугарската политика, која со сите расположливи средства го презентираше како дел од бугарското национално прашање. Успехот во таквата политика, за неа беше, како што е и денес, особено значаен, не само заради територијални аспирации кон цела Македонија, туку и заради политиката на денационализација кон Македонците кои живеат во делот кој го окупираше и заради огромната македонска емиграција во Бугарија, која претставуваше фактор во внатрешниот живот на Бугарија, во секој поглед.
Сите наши денешни самопрогласени „тврдокорни патриоти“ и „антички Македонци“, со својата национално поматена свест, не можат и не сакаат да разберат дека уште од времето на преродбенското движење во деветнаесеттиот век, „македонството“ на македонската буржоазија беше микроскопско и контаминирано со отровите на бугарската национална кауза. Затоа, од таа македонска, пред сè ситна, буржоазија, се изроди голем дел од бугарската политичка, интелектуална и воена каста, од типот на Китинчев, Татарчев, Радев, Матов, Љапчев, Дрангов, Протогеров... И токму тие „македонски“ ситни буржуи, политичари и интелектуалци, тие бедни антимакедонски профитери, под паролата „борба за македонските интереси во рамките на бугарската национална кауза“, станаа „највидни“ бугаромани и, всушност, заедно со бугарската политичка елита и бугарската Егзархија, беа главните кочничари македонското прашање да се дефинира како македонско национално прашање, македонската револуционерната организација да стане македонска националноослободителна организација, а македонската борба да прерасне во македонска националноослободителна борба. Оваа македоно-бугарска граѓанска елита никогаш, во врска со македонството, не успеа да се исправи на сопствени нозе, туку скоро секој нејзин член, остана да клечи на колена и да се обидува да им се „продаде“ на бугарските економско-политички елити како поголем „Бугарин“ од самите Бугари. А, за волја на вистината, ги имаше и такви кои се „продаваа“ како поголеми „Срби“ од Србите, или поголеми „Грци“ од Грците. И затоа, задачата за доизградување на македонската национална физиономија и извојување на македонската национална слобода и државност им припадна на македонските пролетерски и селански маси, предводени македонските комунисти.
Нашите „тврдокорни патриоти“,заглавени во својот имагинарен „шпионски свет“, со својата површност произлезена од догмите на антикомунистичкиот ревизионизам, насекаде гледаа и гледаат завера и шпионажа, кодоши и агенти-провокатори, грчки фанариоти и србокомунистички платеници. Тие, всушност, се неспособни да го видат подметнатото „кукавичко јајце“ од творците на бугарската национална доктрина, дека концептите „македонско прашање“ и „автономна или независна Македонија“ без Македонци, а со „македонски Бугари“, што беше концепција за која се бореше скоро сета „десница“ на македонското револуционерно движење, воопшто не е македонство, не е македонски патриотизам, туку „чист“ антимакедонизам.
Овие ситни трговци, со лешеви од минатото и со туѓи националистички идеи и идеологии, овие пророци на националните катастрофи и трагедии, фактички, го туркаат македонскиот народ во „братските прегратки“ на големобугарските националисти, во во некаков луд надворешно-политички изолационизам и во државотворна смрт. Наспроти нивниот антимакедонски ревизионистички дискурс, наспроти нивниот неофашизам, наспроти нивното неуко врескање и дрдорење за „македонско прашање“, треба, што е можно почесто, да се сетиме на вистинските македонски партизански државотворци и да зборуваме за македонското национално прашање. И, да работиме, секако. Онака, како што беше до деведесет и првата, односно до времето пред агентите и поклониците на антимакедонските пропаганди да почнат да заземаат политички функции во македонската држава и да глумат ревизионистички интелектуалци и историчари. Оти, nota bene, само така, само со работа во полза на македонските национални идеали и интереси, ќе го застанеме, веќе триесетгодишниот, инволутивен процес кон национално маргинализирање и обезличување, и кон културна, државна и економска регресија.
(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)