Webp.net gifmaker

Кристалниот лустер од Офицерски може да се купи на Али Експрес?!

Март 29, 2018

Како кристалниот лустер од Офицерскиот дом да можете да го нарачате на кинескиот сајт Али Експрес. Ете, такво чувство добив додека ја слушав одбраната на Талески за време на судскиот процес за негрижата на движното и недвижното наследство во споменичната целина, позната меѓу битолчани како Офицерски или битолски Версај. Одбраната рече „лустерот како да бил непроценливо богатство, тоа не е така, тој е како и секој, но погломазен и поукрасен, денес такви се наоѓаат во слободна продажба“. Овој секојдневен лустер 43 години ја красеше балската, најакустичната, концертаната сала, ги осветлуваше забавите, матурските, концертите, настапите, ги восхитуваше генералите, виртуозите, државниците. Беше величенствен, проткаен со спомените на битолчани како гроздовите кристали.

 

Вистината за него е многу пати кажана, прераскажана, видена... Го изеде негрижата. Оставен на забот на времето пред две години се струполи на подот. Се распрскаа кристалите на сите страни, оставајќи белег за лажниот локал патриотизам со кој повеќето се чукаме по гради. Отпадот што остана е собран и зачуван во депото на битолскиот Завод и музеј.

Директниот виновник за неговото демолирање уште се бара. А и како ќе се открие кога таму беше хотел промаја и влегуваше кој сака низ искршените врати, прозорци, балкони. Не верувам дека некој битолчанец го втаса таква деструктивност, па ги сече ремените со кои беше врзан за таванот. Верувам дека вината лежи во тогашните власти кои иако знаеја дека е загрозен не презедоа ништо да го заштитат.

На судењето се испитуваше дали лустерот не бил заштитено добро. Се кажа дека со поранешните решенија објектот само бил заштитен , а може да се дефинира и сѐ што е во негов склоп. Дури сега со новиот елаборат за ревалоризација се заштитува и движното наследство, како што е лустерот, па и ламираниот паркет, од кој ништо не остана. Години требаа да се догововорат институциите што ќе штитат во Офицерски, малтерот, вратите, балконите, покривот, лустерот, паркетот, свеќниците. И додека се договараа, а писмата, решенијата, патуваа од една на друга адреса, останавме без ентериерот, а богами малку фали и Офицерски да го снема.

И за нас пак се ќе биде реалтивно. Кога беше демолиран листерот некои од одговорните лица за заштита рекоа дека е неупотреблив и неповретно уништен. Но, како сведоци на судењето тврдеа дека може да се состави, да се врати во неговата состојба, со комбинирање на нови делови, само што нема да биде оригинал.

Можеби како лустерот, така и објектот можеме да го изградиме од ново ако се сруши. Па што? Ќе го направиме според сликите од стариот Офицерски, нели и киното на Манаки така се изгради?

Работите се јасни за оној кој сака да ги види. Едно движно наследство не мора да е секогаш ремек дело. Според Законот за заштита на културно наследство, движните добра сведочат за начинот на живеењето, активностите, обичаите, обредите, верувањата, идеите и креациите што се неопходни за да се разберат етничките карактеристики и промените во материјалната и духовната култура на македонскиот народ. Лустерот не само што бил културно наследство, туку бил и културно наследство во опасност за што се предвидени посебни мерки за заштита, но никој не ги презел.

Колку сето ова ги  интересира повеќето од нас, не знам. Како да го изгустиравме и Офицерскиот дом, па на денот на судењето вестите дека лустерот е како секој друг беа помалку читани од шишињата што пливаа во Драгор или козите што ги брстеа новите садници во паркот.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2020 АПЛА.мк. Сите права се задржани