2win800x200

Афоризми

„Едни се маскираат вака, други така, а политичарите со стискање рака.“

„Престанаа да ги почитуваат, кога видоа дека само им ветуваат.“

„Што оти имаме експерти разни, кога фабриките пак ни осатанаа празни.“

„Бели Мисли и размисли (афоризми)“, Битола, 2000 година.

Хумореска

ШТРАЈК

Секогаш кога ќе имаше потреба од некое синдикално прашање, обично се поставуваше на крајот кога ќе се исцрпеше дневниот ред на наставничкиот совет. Ке станеше синдикалецот, како што го викавме претседателот и ќе ни кажеше дека има едно прашање по синдикална линија. Барем да беа тоа некои салам линии. Повеќето од нив беа обични црти, од оние за прецртување. А какви конференции порано се држеле, по не знам колку точки и запирки на дневниот ред. Дискусиите бескрајни, а сепак плодни, цела тетратка со тесни и широки записничарот да изнапиши.

Затоа пред некој ден кога ни беше соопштено дека ќе имаме синдикална конференција, колку што се изненадивме толку и се израдувавме. Ќе си се потсетиме на старите времиња кога си имавме синдикат и со кикири што не снабдуваше за поевтина цена и на рати.

На конференцијата кој дојде, кој не дојде, оти не е ни задолжителна, а не се бараше ни кворум. Не носевме некоја одлука. Одлуката си беше претходно веќе донесена од повисоките органи. Затоа претседателката што ја избравме оломлани и тоа по вторпат, колку да се види дека и ние ги почитуваме женските права за рамноправност, ја започна конференцијата запознавајќи нè дека и ние ќе треба да се вклучиме во утрешниот предупредувачки генерален штрајк како израз на незадоволството од економско-социјалната состојба. Ни ги прочита и барањата веќе изготвени од Советот на Сојузот. Убави, сеопфатни, ама некако многу општи. Нема никаде на пример дека бараме платите во рок од девет дена да ни се зголемат за точно деведесет и девет насто. Или како втор пример дека во рок од тринаесет дена да ни се даде и тринаесетта плата и така навака.

Како и да е, за да не и скршиме атер на синдикалката, решивме да си ја поддржиме. Се собравме утредента на двочасовен штрајк во канцеларијата. Ја затворивме главната врата за да не ни влезе некој новинар изненадно како што обично и прават, па да нè сними за некоја телевизија така седнати и оптегнати. А имаше и што да се сними и види. Едни штрајкуваат, други само со шахот штракаат. Служителката едното ѓезве испразни го, другото наполни го. Толку кафиња колку што испивме за два часа, немаме испиено за цели две недели.

– Море требаше со глад да штрајкуваме, вели една колешка која во весииците ги чита само рецептите за диета. Таа и за големиот одмор јаде само ѓеврек. Убедена е дека е најдиетална храна, а особено ако му се јаде само средината, да не речам дупката.

Ако штрајкувавме со глад, си се мислам, тоа немаше да биде никаков штрајк. Ние сме стално гладни или барем полугладни. Арно ни дадоа социјални пакети. Толку кашкавал и салами со уште непоминат рок којзнае од кога дома не сме однесле.

Седиме така во канцеларијата. Едни пушат, други се гушат. Од чадот на едни им се плаче, на други од седење им се смачи. Мене не знам дали притисокот ми падна или ми се качи, штом почна вратот да ме стега. Некој веќе гледам се спрема да бега.

Штрајкувачи ли сме или кљакачи, си велам. И за ваква работа или подобро речено неработа гледам не нè бидува, а не ми изгледа баш лошо да си седиш, ништо да не работиш, а повисока плата да си чекаш. Што би било убаво, си велам, не по два часа туку по цели денови да штрајкуваме. Море, со недели и месеци, се додека не ни се исполнат нашите барања за прием во Европа, или додека не ни го избришат и она БЈРМ во Обединетите нации.

 

Панде Петровски фото 1

Панде Петровски: Ликовен уметник и педагог, карикатурист и хуморист. Роден е 1939 година под Пелистер, во село Брусник, Битолско. Во 1963 година завршува Педагошка академија (ликовна насока) - Скопје, со студиски престој во Италија. Сликарство учеше од: Павле Павловски, Мамер Сулејманов, Иван Мелников, Менде Ивановски, Пепи Пашанко, Тоде Ивановски, Борислав Траиковски и Вангел Коџоман. Член е на ДЛУБ (Друштво на ликовните уметницина Битола), ДЛУМ (Друштво на ликовните уметници на Македонија) и МНД (Македонско научно друштво). Соработува со повеќе весници и списанија, а застапен е и во Антологиите на македонскиот и балканскиот афоризам. Добитник е на наградите: „4 Ноември“ на Општина Битола 1987 година и Специјална награда на 37. Светска галерија на „Остен“ 2009 година.

 

по избор на Александар Литовски

Афоризми

„Колку повеќе конци на политичката сцена, толку повеќе марионети.“

„Повеќето од академските граѓани се родени на село.“

„Селото гори – бабата на избори.“

„Бели Мисли и размисли (афоризми)“, Битола, 2000 година.

Хумореска

ФИКТИВЕН ЧОВЕК

Седи така кутриот замислен, ја потпрел главата со левата, небаре е мислителот од Роден, а нема таков роден кој маката ќе му ја сфати. Пати кутриот ли пати. Не знае ни на кои врати да чукне, ни кој пат да го фати.

Мисли кутриот како да не знае во кој ден паѓа понеделник, а да не зборуваме за вторник или среда. Сите денови му станале недели. Му се измешаа и сите датуми. Не знае повеќе ни кога е први, кога се земаат плати, оти сега некои плати земаат и на дваесет и втори, а тој кутриот плата нема земено уште од времето на едноумието.

Стана да се види на огледало, дали е се во ред со него. Гледа во огледалото, а ништо не гледа. Го нема, ништо не останало од него. Тоа или е замаглено, или нему му е смрачено. Дух сум, си вели, или човек. Се штипка за образот, за носот. Сè му е тука, а само тој не е тука. Тука му се само некакви хартии, фиктивни некои договори. Потпишал некој фиктивен список, за фиктивна плата, во некое фиктивно претпријатие, фиктивно регистрирано, со фиктивни документи за работа, а без работни простории, на адреса со улица и број кој знае на кој.

Стои тука кутриот и се мисли. Јаве ли е ова или сон. Чаршафите за спиење да изгледаат повеќе црни отколку бели. Па ова не е можно, нели, во умот самиот си вели.

Седи така на масата, размислува и за храната. Колку би било убаво и таа да е фиктивна. Да јадеш, а ништо ни да пиеш ни да џвакаш. Да бидеш гладен, а сит да се чувствуваш. Сите да мислат дека си среќен и кога си тажен. Да мислат дека си сув, и кога си влажен.

Мисли така кутриот, размислува и се прашува. Итер ли сум или наивен? Вистински човек ли сум или фиктивен од главата до петиците. Барем да не е вистина, си вели, кутриот, дека веќе ме пикаат меѓу штиците.

„Оаза на плачот (хуморески)“, Битола, 2002 година.

 

 

Панде Петровски фото 1

Панде Петровски: Ликовен уметник и педагог, карикатурист и хуморист. Роден е 1939 година под Пелистер, во село Брусник, Битолско. Во 1963 година завршува Педагошка академија (ликовна насока) - Скопје, со студиски престој во Италија. Сликарство учеше од: Павле Павловски, Мамер Сулејманов, Иван Мелников, Менде Ивановски, Пепи Пашанко, Тоде Ивановски, Борислав Траиковски и Вангел Коџоман. Член е на ДЛУБ (Друштво на ликовните уметницина Битола), ДЛУМ (Друштво на ликовните уметници на Македонија) и МНД (Македонско научно друштво). Соработува со повеќе весници и списанија, а застапен е и во Антологиите на македонскиот и балканскиот афоризам. Добитник е на наградите: „4 Ноември“ на Општина Битола 1987 година и Специјална награда на 37. Светска галерија на „Остен“ 2009 година.

По избор на  Александар Литовски

Афоризми

Не се прават големи патриоти со мали плати.

Без бистри глави, нема еколошки чиста свест.

Крена најголема прашина, а беше само обичен штраф во гласачката машина.

„Бели Мисли и размисли (афоризми)“, Битола, 2000 година.

Хумореска

РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА

Поканата ја најдов во поштенското сандаче. Ја читам, ја препрочитувам. Ме канат некои, а не знам ни кои, ни зошто. На кои сум им потребен сега откако заминав во пензија. Ама ете останал некој за да ми направи чест. Ја вртам поканата и од другата страна. До мене адресирана. Не е никаква грешка. Убаво пишува дека мене ме канат на презентација, на некаква репрезентација.

Терминот гледам ми одговара. Кој датум да беше ќе го прифатев. Сега барем секој ден сум слободен. Почетокот во десет часот претпладне, исто така е супер. После тоа време, никој дома ни ме бара, ни ме сака. Ме бараат само кога леб и млеко треба да се купи, или некои сметки за да се платат.

Кога дојде денот од поканата, се поддотерав, оти сепак си мислев штом со покана те викаат, ред е да не си секојдневеи. А денот беше обичен, по ништо не се разликуваше од другите.

Кога стигнав на назначеното место, вратата не можев да ја згрешам. Над неа напишале на платно: Добро ни дојдовте. Голема чест ми прават, си мислам, ама никако да смислам во што е работата. Пред вратата застанале две градски селанчиња. навезани, држат по една тафта со црвени каранфили. Да не е некој конгрес на комунистите? -се прашувам. Влегувам внатре во големата сала. Се врти некоја новосоздадена, но никој не ја слуша. Илје милје од луѓе. Сите насмеани, мислиш устите ни отаде ушите не ќе им ги собере. Масите наредени, преполни со триста мезиња. Велат тоа биле шведски маси. а јас знам дека такви се и норвешките, данските и од сите други европски и неевропски земји и држави. Ги гледам, и сè си мислам дека сепак се македонски. Кикиритчиња, бадемчиња, маслинки, саламчиња набодени со чечкалици, ем да јадеш ем забите да си ги чепкаш.

Ова ли е таа репрезентација, си велам. Мора да сме светски прваци со ваква репрезентација. Ас до ас. Не знам ни кои се тренери, ни кои се прва, втора, трета или не знам која постава. Мене во тимот ме викаат за резерва, или за квалификации ли се спремаат или за олимпијада?

Се пробив низ масата од одбрана во напад, а се сопнав уште на првата тафта. Луѓето дупат ли дупат во кашкавалите. Не не бидува ни за оваа работа нас малите. си велам. Јас со овие не можам ништо да делам. Како што не ме видоа кога влегов, не ме видоа ни кога излегов. Немам јас тренинг за вакви натпревари.

„Оаза на плачот (хуморески)“, Битола, 2002 година.

 

 

Панде Петровски фото 1

Панде Петровски: Ликовен уметник и педагог, карикатурист и хуморист. Роден е 1939 година под Пелистер, во село Брусник, Битолско. Во 1963 година завршува Педагошка академија (ликовна насока) - Скопје, со студиски престој во Италија. Сликарство учеше од: Павле Павловски, Мамер Сулејманов, Иван Мелников, Менде Ивановски, Пепи Пашанко, Тоде Ивановски, Борислав Траиковски и Вангел Коџоман. Член е на ДЛУБ (Друштво на ликовните уметницина Битола), ДЛУМ (Друштво на ликовните уметници на Македонија) и МНД (Македонско научно друштво). Соработува со повеќе весници и списанија, а застапен е и во Антологиите на македонскиот и балканскиот афоризам. Добитник е на наградите: „4 Ноември“ на Општина Битола 1987 година и Специјална награда на 37. Светска галерија на „Остен“ 2009 година.

 

Подготвил: Александар Литовски

Страница 3 од 3

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани