АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Која беше целта на стартот на овој проект?
-Проектот “БАИР -Заедничка акција на Битола за вклучување на Ромите“ е структуриран со цел да помогне и промовира социо-економскиот развој како и да ја подобри вклученоста на ромската заедница што живее во населбата Баир, Општина Битола. Проектот го доби своето име според населбата Баир, каде што живеат 95% од ромската популација во Општина Битола. Витална улога за проектот е финансирањето на истиот од страна на Европската Унија преку ИПА 2 програмата и се спроведува во периодот од 01.01.2021 до 31.12.2023. Проектот е имплементиран од COSV италијанска хуманитарна невладина организација во партнерство со ПРЕДА Плус Фондација и Општина Битола, во соработка со Јавното претпријатие за урбанистичко планирање, проектирање и инженерство.
Кои прашања ги отвара и ги решава овој проект?
-Kaко што кажува самиот наслов го третира прашањето на инклузија на Ромите во град Битола, но на холистички начин, со акцент на домувањето. Оттука, клучна проектна компонента, каде се алоцирани и најголем дел проектни средства е урбаната надградба. Со цел да почне процесот на решавање на домувањето, ромските домаќинства мора да станат дел од урбаната планска генерална и детална документација. Токму затоа, проектот „БАИР“ предвидува и изработка на Генерален Урбанистички План за град Битола, односно изработка на три Детални урбанистички планови за северна станбена зона Баир. Изработката тие планови се почетна основа за решавање на сите урбанистички предизвици во оваа населба. Не е возможно да се дизајнираат било какви стратешки решенија за подобрување на урбанистичката структура и подобрување на условите за живот во оваа населба без овие клучни документи. Поради тоа, носечка активност во овој проект е изработка и донесување на овие документи.
Во која фаза е проектот сега, во овој проблематичен сегмент, а тоа е легализацијата?
- Во партнерство со Општина Битола, оваа постапка е веќе започната. Дополнително, предвидено е во рамки на проектот да се легализираат 50 ромски домаќинства во населба Баир, кои секако ги исполнуваат правните услови за легализација, вклучувајќи го пред сѐ основниот документ, геодетски елаборат. Со оглед на тоа што во моментов нема нов Закон за постапување со бесправно изградени објекти, заедно со Општина Битола, проектот работи на легализација на оние барања кои биле доставени заклучно со 2018-та година. Морам да истакнам дека кај најголем дел од барањата што ние ги имаме евидентирано недостасува геодетскиот елаборат, така што по тие барања не може да се постапи. Од крајот на 2021-ва година досега се легализирани 13 домаќинства во населба Баир, а се надеваме на интензивирање на случаите на легализација и воедно очекуваме носење на нов Закон, со што поголем број домаќинства би можеле да ги легализираат своите градби.
Дали е предвидена финансиска поддршка во оваа фаза, со оглед на трошоците на кои ќе биде изложено ромското население?
-Предвидени се и финансиски средства во износ од 5000 евра за оваа намена, како и тим за поддршка кој ќе може да им помогне на граѓаните во собирање и доставување на целосна документација. Од средината на 2022-ва година ќе стартува и Фондот за реновирање на домаќинствата (ХРФ), за чија функција се предвидени 150.000 евра. Со овој фонд треба да се направат парцијални реновирања во ромските домаќинства во населба Баир, со цел создавање на похумани и подостоинствени услови за живот. Затоа ќе се формира и комисија, која меѓу другото ќе има претставници од ромската заедница, со цел инклузивно и партиципативно носење одлуки.
Кои ќе бидат критериумите за Фондот за реновирање?
-Предвидено е парцијално да се реновираат 27 домаќинства. Најважен критериум од кој не смее да се отстапува е избраните домаќинства да се легализирани и дел од ДУП, со цел и инвестираните средства да имаат одржлив ефект. Дополнителен критериум пресуден за избор е кофинансирање на реновирањето, кое може да биде во работна сила и поддршка во процесот, односно не мора да се однесува на финансиски средства, иако тоа би се сметало за екстра стимул.
Што друго е планирано за подобрување на инфраструктурата во ова градско јадро?
-Крајно, урбаниот дел од проектот опфаќа и реконструкција на одредени улици во населба Баир со цел создавање на подобри услови во заедницата. Во моментот на улиците „Струшка“ и „Сутјеска“, се врши промена на канализационата мрежа, по што ќе следува и реконструкција на коловозот. Градежните работи се извршуваат во должина од околу 400 метри со вредност од 5 623 157 денари, а истите ги реализира Општина Битола во рамките на проектот „БАИР – Здружена акција на Битола за вклучување на Ромите, финансиран од Европската Комисија.
Сведоци сме и на други бројни активности, кои го будат населението во населбата Баир. Какви се резултатите?
-Проектот, освен на компонентата за урбана надградба, работи на јакнење на заедницата и социјални права преку реализација на активности кои поттикнуваат развој и поддршка на културни и спортски иницијативи и кампањи за подигање на јавната свест кај ромското население за релевантни теми од секојдневното живеење. До сега, во склоп на проектот реализирани се три кампањи од следните области: образование, здравство и вработување. До крајот на проектот планирано е да се реализираат уште 4 кампањи за подигање на јавна свест. Сите досегашни активности, одлично поминаа и резултатите се мерливи.
Дали проектот има тим на терен или локација на која ромското население има пристап до информации и поддршка?
-Во склоп на проектот функционира ТИМ ЗА ПОДДРШКА (BST-BAIR support team) со канцеларија во месната заедница „Димитар Влахов“ во населба Баир. Тимот е составен од тројца наши сограѓани кои секојдневно се на услуга на граѓаните од оваа населба, обезбедувајќи советодавни услуги и поддршка за полесно решавање на проблемите кои ги има ромското население што живее во населба Баир.. Тимот за поддршка претставувавa линк меѓу граѓаните на населба Баир и релевантните институции на локално ниво, олеснувајќи го процесот на решавање на актуелни проблеми преку евидентирање на сите барања од локалната зедница и обезбедување на административна поддршка и информации.Канцеларијата е отворена, за граѓаните од населба Баир секој работен ден од 9 до до 17 часот. Во соработка со јавните претпријатија од Општина Битола во канцелариите во месната заедница функционира и ЕДНОШАЛТЕРСКИ СИСТЕМ (ONE - STOP SHOP). Целта на овој сервис е да се подобри достапноста, ефективноста и ефикасноста на јавните институции во обезбедувањето на соодветна помош и услуги со посебен фокус на најмаргинализираните граѓани. Граѓаните од оваа населба имаат можност директно да ги адресираат своите барања до претставниците на соодветните институции. Јавните службеници обезбедуваат насоки, помош и информации за полесно решавање на проблемите кои ги имаат граѓаните. На овој начин, јавните институции и нивните претставници ќе успеат да ги надминат структурните потешкотии со кои што се соочуваат во обидот да пристапат до ромското население од Баир при испораката на јавни услуги.
(Проектот „БАИР –здружена акција на Битола за вклучување на Роми“ е финасиран од Европска Унија преку инструментот за претпристапна помош ИПА 2, ЕУ за Ромите и луѓето кои живеат во длабока сиромаштија. Имплементатори на проектот се италијанската невладина организација COSV, ПРЕДА Плус Фондација и Општина Битола.)