2win800x200

Со фудбалски шут ги ногира стреотипите за жените во спортот- Анита Гоцевска активна студентка и фудбалерка

Јули 14, 2023

Успева да воспостави баланс меѓу студирањето и спортот. Студира на Високата медицинска школа во Битола и е дел од шампионскиот клуб „Топ гол“, кој го врати битолскиот женски фудбал во Првата лига, објавува Факултети.мк.

Наместо со кукли и кујнски играчки, Анита Гоцевска од Пехчево од мала играла со топка. Додека нејзините врснички времето го минувале со Барбики, таа останувала на игралиштето со другарите. Не е ни чудно ако се знае дека се работи за ќерка на поранешен фудбалер кој играл за „Напредок“, „Малеш“ и „Вардар“. Тргнувајќи по чекорите на татко си, почнала да тренира со момчиња во фудбалскиот клуб „Напредок“ во Пехчево, каде што се натпреварувала во нивната фудбалска лига. Биле само две девојчиња кои храбро ги уривале бариерите дека овој спорт не е za жени. Со овие првенки како инспирација и со текот на времето во оваа мала општина клубот успеал да привлече 20 млади и перспективни фудбалерки. Успеале да изиграат неколку регионални пријателски натпревари, но женскиот клуб уште неоформен згаснал. Финансиите и немањето поддршка од околината си го направиле своето.
 


Трагични се коментарите дека од фудбалот ќе ти се искриват нозете

- И тогаш и сега се соочуваме со предрасуди дека фудбалот е за машки. Особено за нас што доаѓаме од помалите средини, воопшто не е лесно. Уште потрагично е кога добиваме коментари од типот „ќе ти се искриват нозете“, „груба игра е“, „немате сила за тоа“, „вам местото ви е в кујна“, „дали имате памет да трчате по топка полна со воздух“ и што уште не. И тоа не од кој било, туку од луѓе што немаат истрчано три метри, ниту изгледано еден натпревар. Порано коментарите знаеја да допрат до мене и да заплачам. Но, како што минува времето, на нив само ќе се насмеам бидејќи знам колку вредам - вели Гоцевска.
 


По почетоците во „Напредок“ преминала во првата екипа на ЖФК „Тиверија“ од Струмица каде што конечно почнала да тренира со девојчиња. По поминати три сезони во Струмица, го напуштила клубот и се префрлила во ЖФК „Топ гол“ во Битола, за кој игра и денес. Се одлучила за битолскиот женски фудбалски клуб зашто вели дека е препознатлив по својот квалитет, континуитет, одлична работа и начин на функционирање.

Не се откажа од „Топ гол“ и кога беше најтешко

Но, како во животот, така и во фудбалот има и убави и тешки моменти, па точно пред една година кога клубот испаднал од Првата лига поради сплет на околности и некои надворешни фактори, цела екипа најавила заминување. Клубот останал само со младинските фудбалерки. Тогаш Гоцевска го побарала тренерот и му кажала дека е подготвена да остане и да им помогне на помладите фудбалерки, да им го покаже патот, а со тоа и да придонесе кон повторно воздигнување на клубот.

 
- Една и пол година бев тренер на младински категории. Главна цел ми беше да ги научам на човечките вредности, а потоа на фудбалските вештини. Важно ми беше бидејќи сум била на нивно место и знам со какви предизвици и предрасуди ќе се соочуваат. Не сакав истото да го доживеат бидејќи фудбалот треба да го гледаат како вид забава, а не како стрес. Започнав со мал број фудбалерки, но брзо достигнавме до 30 - додава Гоцевска.
 
Го вратија клубот во Првата лига
 
Таа денес е дел од сениорската екипа на „Топ гол“, која годинава ја понесе шампионската титула во Втората фудбалска лига – жени за сезоната 2022/23, со што се пласираа во Првата лига. Тие годинава одигра моќна сезона, без пораз и го вратија клубот меѓу прволигашите.
 
 
- Им го препорачувам овој спорт на девојчињата зашто ќе стекнат огромен број пријателства, има многу дружења и безброј патувања. Она што мене ме привлече кон фудбалот е дисциплината, сакам предизвици, она по што копнеам сакам сама да го постигнам - додава шампионката.
 
Таа е од Пехчево, но досега двапати е избрана за спортист на Битола. Ваквата валоризација на трудот придонесува за рушење на стереотипите. Потребна е поддршка на женскиот фудбал.
 
- За условите во Европа, не можеме да се споредиме, додека за Балканот, тука некаде сме. Кај нас ќе слушнат само кога ќе достигнеш нешто големо и само ќе ти кажат „браво, напред“. Меѓутоа, поддршката за да стигнеш дотаму и вложениот труд никој не ги гледа. Пред еден месец станавме шампиони, во Битола има два женски клуба, но луѓето уште не знаат дека во градот има женски клуб - коментира фудбалерката.
 
 
Да не се дозволи Македонија да губи вакви кадри
 
Гоцевска студира на Високата медицинска школа во Битола и е пример за активен студент и спортист. Успева да направи успешен баланс меѓу студирањето и спортувањето. Една половина од денот ја има резервирано за фудбалот, а другата за сѐ друго. Признава дека е тешко да се направи баланс, меѓутоа, вели дека ако човек има цел, ништо не може да го спречи да ја оствари. Благодарна е што ангажманот ја направи силна и независна. Но, и покрај големиот труд, не ја исклучува можноста иднината да ја побара надвор од државата.
 
- Гледајќи ја сегашната ситуација и сите настани што се случуваат во државата, се движам накај излезната врата од татковината, не дека сакам, туку системот ме тера на тоа. Моја прва љубов е фудбалот, но потоа сакам да си ја работам професијата што ја одбрав - медицинска сестра - вели Гоцевска.
 
Извор Факултети.мк 
Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани