Литовски за заканите на пратеникот Ѓорчев: „Ако Музејот на ВМРО за некој е семејна работа, можеше да го гради со семејни, а не со државни пари“

Јули 26, 2018

„Музејот на ВМРО не е ниту света, ниту важна, ниту битна работа, туку е само еден од многуте музеи во Македонија“, рече историчарот д-р Александар Литовски, откако на Собраниската седница за пратенички прашања, пратеникот Влатко Ѓорчев,  денеска од говорница му се закани на Литовски, но и на останатите членови на Работната група задолжена за преиспитување на општествената и стручната оправданост за постоење на Музејот на ВМРО, дека она што ќе го направат еден ден може да биде  дел од поставката на Музејот на ВМРО

 

-Музејот на ВМРО и жртвите на комунистичкиот режим е света, важна, битна, емотивна работа за десетици илјади семејства.  Апелирам,  пренесете му на Александар Литовски и на сите во таа Комисија дека нивната работа ќе биде подложена на ревизија. Она што ќе го направи комисијата можеби еден ден ќе биде дел од поставката, рамо до рамо со Колишевски и куп други. И да го чепнат, тој музеј ќе се врати како што бил. Тоа се наши семејни истории. Почитувајте ја нашата историја. Тоа е концепт на национално единство, рече Ѓорчев.

Литовски пак му возврати, дека семејните работи се финансираат со семејни пари.

-Музејот на ВМРО ниту е света, ниту важна, ниту битна работа, туку е само еден од многуте музеи во РМ. Згора на тоа, онака како што е направен без поширок национален консензус и без доволно стручна музеолошка издржаност, тој сосема сигурно не придонесува за национално единство. А ако некој го сфаќа како „емотивна“ и “семејна работа“ тогаш него можеше да го гради и сервисира со семејни финансиски средства, а не со државни пари, вели д-р Александар Литовски, истричар

Инаку, Работната група за преиспитување на општествената и стручната оправданост на постоењето на НУ Музеј на македонската борба за државност и самостојност – Музеј на ВМРО и Музеј на жртвите од комунистичкиот режим,  неодмана соопшти дека не предлага затворање на музејот, туку преименување со скратување на името во: „Музеј на македонската борба за државност и самостојност“.

Работната група  под претседателство на историчарот  д-р Александар Литовски и петте членови -Донка Барџиева-Трајковска, Елеонора Петрова, Златко Теодосиевски, Гордан Николов и Жарко Трајановски,   беше формирана  во март,   а од увидот и анализата на докумнетацијата во музејот, изготви извештај на 31 страница. Во извештајот се констатирани низа неправилности и прекршувања на повеќе закони, и тоа: Законот за буџетот и Законот за спороведување на буџетот, Законот за музејската дејност, Законот за заштита на културното наследство, генералните принципи и стандарди на современата музеологија, како и упад во идентитетскиот корпус на македонскиот народ и идеолошка обоеност на музејот како целина и фаворизирање партиски митови.

 

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани