АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
За јагленот тешко дека ќе има голема иднина во Европа, а со тоа и кај нас, зашто цената на емисиите на јаглероден диоксид ќе биде толку висока, што ваквото производство нема да биде конкурентно на пазарот на енергија, рече на предавањето на Техничкиот факултет во Битола академикот и енергетски експерт Глигор Каневче. Тој алармираше дека е последен момент да почне да се размислува за нови правци во развојот на македонскиот енергетски стожер РЕК ,,Битола”.
„Имајќи ги предвид тековите во ЕУ кон која се приближуваме, а сега сме членки на енергетската заедница, ќе мора да се прилагодиме на тој систем. Во најголем степен ќе треба да се ориентираме кон обновливи извори на енергија, големите хидроелектрани, фотонапонските келии, чија цена постојано опаѓа и ветерните електрани. Другите извори на енергија ќе се користат сè помалку, некаде до 2045 година ќе се користи природниот гас, но понатаму и тој ќе отпадне“, рече Каневче.
Негова препорака е термоелектраната РЕК, во соработка со градот, ЕЛЕМ и Владата, во следните десет години да преземе мерки за преориентација на производството кон други извори, а притоа да ги задржи сите вработени.
Во однос на најавите за отворање на рудникот во Живојно од каде ќе се црпи јаглен Каневче вели дека треба добро да се размисли и да се направи детаљна технолошко-економска анализа што понатаму.
,,Да не се случи некои инвестиции да бидат напразно фрлени. Подобро тие да се искористат за подолгорочна перспектива. Засега нашата земја нема обврска за плаќање такси за емисии на јаглероден диоксид, зашто не е потписник на анекс 1 договорот. Но, со влегувањето во ЕУ, тоа ќе биде неминовно. Би било доцна до тогаш да се чека”, рече професорот Каневче.
(На предавањето присуствуваа и градоначалничката Наташа Петровска, директорот на РЕК Васко Ковачевски, директорот на ЈП „Стрежево“ Менде Граматковски и други претставници од стопанството и научната фела)