АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Во присуство на видни личности од општествениот живот и други гости од Битола, новинарот Пеце Стефановски ја промовираше својата книга „Самак“ која содржи негови записи посветени на патувањата и престоите во САД.
На промоцијата сегменти од книгата прочита актерот Петар Горко, а пред присутните им се обратија авторот Стефановски и рецензентот Панде Манојлов.
Стефановски изјави дека преку еленот Самак ја опишал несушната потреба од слобода на нашите простори. Еленот Самак кој му дал инспирација доаѓа од американските простори, каде ги преживеал фазите на неоколонијализмот, високиот степен на индустријализација и опстоил до денешно време. Средбата со него, Стефановски ја имал летово за време на престојот во САД, на место каде што елените и срните слободно шетале во дворовите на куќите. Напроти ваквата питомост и убавина, во неговата родна земја Македонија имало енормно загадување, запалени депонии и други напластени проблеми.
Токму расказот „Самак“ е носечки во неговата книга со дваесеттина раскази распослани на нешто повеќе од педесет страници. Тие ги отсликуваат неколкукратните искуства на Стефановски при престоите во САД или како што рецензентот Панде Манојлов рече „американски аџилак, каде сѐ е поинаку, сѐ е на место, американски дотерано, многу поинакво од некое македонско, балканско и темновилаетско“.
-Слободата ја доживеав како контрапункт. Тоа лето во едно мачно предизборие и нејаснотии тука, кога ќе ги отворев порталите гледав теми за загдување, запалена депонија, а таму шетаа срни и елени. Сакав да речам дека таа парадигма на слободата, онака како што своевремено големиот француски поет Луј Арагон рекол дека таквиот роман на човештвото му е потребен како лебот. Јас сметам дека таквото слободарство или парадигма на слободата ни е потребна денес и кај нас на овие простори како лебот, сега, секогаш и во сите времиња. Тоа е Самакот всушност- рече Стефановски.
Во книгата со раскази авторот ги пренесува доживувањата од Херман –паркот во Хјустон, Сан Антонио, Алвин, плажата „Мајртл бич“, Нијагара, Пенсилванија и други места. Рецензентот Манојлов рече дека „насловот на книгата е Блажеконевски, инспириран од неговата песна ‘Елен самак’, но со прозно-поетска Пецестефановска зрелост и стил на врвен новинар-писател, каде зборот е збор, јасен како бел ден, со кристално јасна мисла“.
Запрашан дали ова се однесува и на слободата во новинарството, Стефановски одговори: „слободата на изразот во книгата е голема слобода наспроти новинарската професија со сите стеги и карики е окована, а тие карики треба да пукаат и професијата треба да биде слободна“.