АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Општинска делегација предводена од градоначалникот Марјан Стојановски, на пригоден и свечен начин и во овие вонредни услови, денес положи цвеќе пред спомен костурницата на великанот Даме Груев и на славните Смилевци Илинденци, со што се одбележа и последниот ден од Смилевскиот конгрес.
„Со почит и пиетет треба да се потсетиме на сите настани што се случувале од 2. до 7. мај, пред 117 години, а особено на личностите кои биле предвесник и предводник на македонската револуционерна мисла и идеја. Достојното чествување на Смилевскиот конгрес, како и сите не помалку важни историски настани и личности, треба да останат постојан и вечен потсетник за долгиот, макотрпен, трнлив и неизвесен пат и одлучен чекор за поставување на темелите на македонската државност. Општината и јас како градоначалник тоа го препознаваме и ќе продолжиме во рамките на нашите можности тоа да го поддржуваме, но и да поттикнуваме и нови иницијативи и спроведуваме и други заеднички активности. Нека им е вечна славата на сите борци паднати за македонската слобода! Да живее Смилево - гордоста на македонската идеја!“, истакна Стојановски.
Демир Хисар има своја историја, особени белези, богато културно и духовно наследство, на кој што сите ние треба да бидеме горди, да ги чуваме, заштитуваме и наградуваме. Општина Демир Хисар не ги заборава славните револуционерни традиции, а градејќи ја нивната иднина и подобрувајќи го животот на своите граѓани, ќе продолжи да создава нови вредности за економски развој и создавање на подобри услови за живеење. Денес, меѓудругото, од родното место на Даме Груев, градоначалникот Стојановски упати и честитка до припадниците на полицијата, по повод 7 мај - Денот на полицијата и безбедноста.
- На овој голем ден кој го одбележуваме како Ден на македонската полиција, повикувам на обврска, дека секој ќе си ги преземе своите задачи и одговорности. Преку чесноста и професионализмот во работата, припадниците на Министерството за внатрешни работи на дело ја покажуваат посветеноста и придонесуваат кон добросостојбата и напредокот на Република Северна Македонија и македонското општество. Улогата на полицијата во спроведување на одлуките и мерките на владината стратегија за запирање на ширењето на вирусот, е огромна и од исклучителна важност. Нека ни е честит Денот на македонската полиција и заедно да ја унапредуваме службата во сервис и заштитник - пријател на граѓаните, стои во честитката на градоначалникот.