АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Тринаесет приватни фирми во соработка со Општина Битола, донираа 67 прочистувачи за воздух за детските градинки во Битола. Општина Битола која ги поддржа и ги координираше активностите донираше 2 прочистувачи.
Оваа иницијатива е на родители со цел да обезбедат подобри услови за згрижување на децата од предучилишна возраст.
Поттикнати од сè побројните апели децата да не бидат изложени на штетните честички од воздухот, барањето за донирање на прочистувачи на воздухот потекна од Петра Поп Ристова, еколог и родител на дете што престојува во една од градинките, а истата започна да се реализира на иницијатива на повеќе фирми од Битола.
-Сакам да кажам дека Битола како најзагаден град во Македонија, заедно со Тетово и Скопје, успеа во оваа акција и сум многу горда на мојот град. Сакам исто така да се заблагодарам и на дечињата кои ни испеаа прекрасна песна апелирајќи дека воздухот е загаден и дека некој нешто треба да преземи, дека свеста треба да се зголеми, изјави Поп Ристова, иницијатор на акцијата.
На денешната донација во детската градинка „Мајски цвет“,градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска, акцијата ја оцени како организирано и заедничко делување на јавниот и приватниот сектор.
-Со денешната донација се потврдува општествената одговорност кај сите нас. Сакам да им се заблагодарам на сите донатори, кои што несебично се вложија во целата оваа активност. Ова е всушност еден добар пример, колку навистина, сите заедно, општествено можеме да придонесеме, но и показател дека сепак човечноста не е изгубена. Меѓутоа, посебно сакам да нагласам дека овој благороден гест е всушност добра лекција за политичарите да не ги користат општествените проблеми од било каков аспект за лични, всушност политички маркетинг, изјави Петровска.
Со новата донација, обезбедени се сите потребни прочистувачи за 16 објекти на детските градинки во состав на двете општински установи „Естреја Овадија Мара“ и „Мајски цвет“.