АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
На денешен ден, 22 АПРИЛ 1945, кај Славонска Пожега, Хрватска загина Јонче ЃОРЃИЕВСКИ, припадник на македонското националноослободително и комунистичко движење и учесник во Антифашистичката војна во Вардарскиот дел на Македонија.
Роден е во селото Дихово, Битолско, во 1928 г. Како пионер беше активен во помагањето на антиокупаторското и антифашистичко движење во Битолско.
Уште во 1941 г. учествува во создавањето на младинската комунистичка организација (СКОЈ). Беше еден од младинците од родоното село кои разнесуваа и растураа летоци со антиокупаторска и комунистичка содржина. Учествуваше во акцијата на битолските комунистички илегалци од 3 март 1942 г., кога на бугарскиот национален празник, беше украдено оружје и муниција од Општинскиот воен магацин. Во септември – октомври 1942 г., стана член на новоформираната селска организација на КПЈ-Битола. Неговите активности не останаа тајна за бугарската фашистичка полиција, па често беше апсен и физички малтретиран. Во март 1943 г. се илегализира и стапи во Битолско-преспанскиот партизански одред „Даме Груев“, а по формирањето на Битолскиот партизански одред „ Гоце Делчев“ во мај 1943 г. беше во неговите први борбени редови.
Подоцна повторно стана легален, па беше апсен и малтретиран од бугарската полиција, за кон крајот на мај 1944 г., преку Цане Павловски, повторно се приклучи во партизанските единици на Народноослободителната војска на Македонија Учествуваше во бројни борби со бугарските и германските окупаторски воени и полициски сили. Беше борец во составот на Првата македонска бригада и со неа учествуваше во завршните борби за ослободување на земјата на Сремскиот фронт и во тие борби храбро го загуби животот.
подготвил: д-р Александар Литовски, историчар