АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Изложбата на фотографии печатени во сито техника „Споменици на Револуцијата“ на германскиот уметник Марко Кројач, беше отворена вечерва во битолската „Магаза“ во организација на Завод и музеј-Битола и Сојузот на борци ОО-Битола.
„Споменици на Револуцијата“ ги архивира партизанските споменици од бивша Југославија и покажува како се менувале културните сеќавања и концептите на идентитетот на балканските простори од Првата светска војна до денес.
-Ова што овде го гледате е мал избор од колекцијата на фотографии од споменици на револуцијата што ги создавам веќе 15 години. Не сум човек што зборува многу, затоа ве оставам да уживате во фотографиите, рече авторот Марко Кројач
Изложбата ги прикажува спомениците и приказните за нивното настанување, како и сегашниот однос на луѓето и воопшто културните политики кон постоечките споменици во едно време на постојано променлив идентитет.
-Се заблагодарувам на авторот што ни укажа можност преку неговата визија посветена на спомениците на културата, што сведочи за една нивна трансформација и деградација, наспроти нивната голема монументалност, која што зборува за пад на некои вредности кои биле значајни во одреден период, но за жал денес минуваат низ своевидна трансформација. Секој од нас ќе има можност преку секоја од овие фотографии и преку прикзот да долови индивидуалани видувања за тоа време, рече Мери Стојанова, директор на НУ „Завод и музеј“-Битола
Марко Кројач, чие вистинско име е Марк Шнајдер, живее и работи во Берлин како слободен уметник, активист, музичар, ди-џеј и хроничар. Повеќе од 15 години посветено ги документира монументалните споменици на НОБ на просторите на поранешна Југославија. Денес е дел од мултимедијалниот колектив „Центрифуга“ од Берлин, каде активно музицира и работи со сито печат. Изложувал во Токио, Женева, Белград, Берлин, Париз и многу други градови во светот како самостоен уметник и архивар на споменичното културно наследство на некогашна Југославија.