
АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Владата го усвои Годишниот план за имплементација на праведната транзиција за 2026 година, со што се продолжува со системско спроведување на процесот на праведна енергетска и економска трансформација во земјата.
Како што информираа од Министерството за енергетика, со усвојувањето на овој План, Владата и Министерството ја потврдуваат својата посветеност кон обезбедување праведна транзиција која ќе ги земе предвид социо-економските последици врз заедниците и работниците во регионите засегнати од транзицијата, со посебен фокус на отворање нови можности за вработување, преквалификација на работната сила и поттикнување одржлив локален економски развој.
Со предвидените механизми се обезбедува координиран пристап помеѓу надлежните институции и јавните претпријатија.
Годишниот план за 2026 година е изработен во согласност со националните стратешки документи и Реформската агенда, како и со обврските преземени во рамки на процесот на забрзана транзиција од јаглен кон одржливи и нискојаглеродни извори на енергија. Планот претставува оперативен документ кој ги дефинира конкретните активности, временската рамка, надлежните институции и потребните ресурси за негова реализација.
Ова, велат од Министерството за енергетика претставува значаен чекор во насока на поефикасно и координирано спроведување на планираните реформи, зајакнување на институционалната рамка и унапредување на соработката со меѓународните партнери и финансиските институции.
Министерството за енергетика треба да го објави Годишниот план на својата веб-страница и да ја координира неговата имплементација, додека ресорните министерства и релевантните институции ќе направат приоритет на активностите во рамки на своите годишни програми.
