
АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Реформската агенда 2024–2027, клучен документ за напредокот на земјава кон ЕУ, во сегментот енергетска транзиција и декарбонизација, предвидува утврдување „датум за исклучување на јагленот“ и сериозни инвестиции за поголема искористеност на обновливите извори на енергија и за унапредување на енергетската ефикасност во јавните објекти, стои во анализата на 360 степени.
Од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини информираат дека точниот рок за исклучување на термоелектраните „Битола“ и „Осломеј“ сè уште не е утврден, со оглед на тоа што во моментов се работи на ревидирање на Националниот план за енергија и клима (НПЕК).
„Од големо значење ни е процесот да биде во целост транспарентен, што повеќе страни да се вклучени во истиот и да дадат свој придонес во дефинирањето на планот. По собирање и разгледување на коментарите и нивно рефлектирање во самиот документ, се очекува истиот да се поднесе на усвојување од страна на Владата“,
информираат од министерството.
ЕНЕРГЕТСКА ТРАНЗИЦИЈА БЕЗ СОЦИЈАЛНИ ПОСЛЕДИЦИ
Енергетската транзиција кон „зелено“ производство на струја и почиста животна средина има и социјална димензија. Исфрлањето од игра на јагленот ќе донесе ризик за вработените во термоелектраните Битола и Осломеј. Реформската агенда предвидува т.н. праведна транзиција преку преквалификација и повторно вработување на овие лица. Таа содржи и конкретни бројки, според кои, до крајот на 2027 година, вкупно 300 вработени во РЕК Битола и 50 вработени во ТЕЦ Осломеј треба да минат низ процес на преквалификација, а најголем дел од нив да добијат и ново вработување.
„Во моментот ЕСМ со поддршка на Европската банка за обнова и развој имплементира неколку програми за преквалификација и доквалификација на работниците. Во план се и нови програми кои нема да бидат насочени само кон вработените во ЕСМ, туку и поврзаните компании во синџирот на снабдување. Се идентификуваат програми за преквалификација, доквалификација на профили кои се очекува да бидат атрактивни и барани на пазарот на труд (енергетска ефикасност, обновливи извори, одржливо одржување, логистика, услуги, туризам)“,
велат од Министерството за енергетика.
Дополнително, се работи и на отворање Центар за кариерно советување, како и поттикнување инвестиции во двата засегнати региони, со цел отворање нови работни места.
ИЗВОР -360stepeni.mk
