Webp.net gifmaker

Битола го има најголемиот иконостас во Македонија

Мај 28, 2018

Иконостасот во црквата „Св. Димитрија“ во Битола е најголем по површина во храмовите низ Македонија, вели историчарот на уметност и советник конзерватор во битолскиот Завод и музеј, Ристо Палигора.

 

„Во Битола во минатото биле присутни повеќе резбарски школи. Иконостасот во црквата ‘Св Димитрија’ е една импозантна творба, најголема по површина во Македонија. Иконостасот во селото Маловишта, делови од иконостасите од црквите во селата Трново и Магарево припаѓаат во таканаречената епирска резба. Битола беше крстопат каде различни уметнички дружини наоѓале ангажмани“, вели Палигора.

Иконостасот потекнува од средината на XIX век и е изработен во плитка резба, а подоцна е гипсиран и позлатен. Сѐ уште не е точно познато која резбарска тајфа го направила.

Според книгата „Симболи во македонското копаничарство“ од Јане и Злате Крстевски големиот иконостас во овој храм е работен од епирски резбари од Мецовската школа. Во книгата се посочува дека според истражувањата на д-р Димитар Ќорнаков, откриен бил дури и натпис на кој пишувало дека е изработен од раката на извесен Константин.

Инаку, поширокиот регион на Битола како средиште на Пелагониската митрополија ја претставува територијата со најгуста поставеност со резбарски дела од 17 до 19 век. Ова културно наследство во последно време привлекува се повеќе туристи во Пелагонија и Битола. Црквата „Свети Димитрија“ е редовно место за посета на агендите на странските туристи. 

За жал, до денес не е сочувано врвната резба работена од тајфата на Петре Филиповиќ – Гарката што изгоре во пожар за време на Илинденското востание во Крушево..

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2020 АПЛА.мк. Сите права се задржани