Денес Гимназијата „Јосип Броз Тито“ – Битола пригодно ја одбележува 78-годишнината од одржувањето на првиот наставен час на македонски јазик во просториите на ова училилште, но одбележувањето е чествување воопшто на почетокот на настава на стандарден македонски јазик во Државата.
Историски гледано, 6 февруари 1945 година е еден од најважните настани во современата историја на Македонците, зашто првпат добија мжност да започнат образование на свој мајчин македонски јазик, врз основа на стандардите што ги пропиша јазичната комисија во чиј состав беше нашиот најзначаен лингвист, македонист и историчар на јазикот, Блаже Конески.
Безмалку осум децении Гимназијата стана хронотоп во кој генерациите ученици стекнаа квалитетно образование на македонски јазик кој стана светлина на Логосот во нашето современо образование. Гимназијата се гордее со атрибутот на една од најквалитетните образовни институции во Македонија во современиот образовен дискрус. Овој сакрален простор е задужбина на знајните и незнајните поединци кои станале достоинствени работници на оваа земја, инженери, доктори, градоначалници, ректори на универзитети, академици, учители.
Професорите по македонски јазик Даниела Петровска, Никола Трајковски, Симона Петровска и директорката Лидија Споа, помошник директорката Елена Трпезановска Јоновска и стручната служба заедно со учениците го одблежаа денот на започнување настава на македонски јазик во училиштето со пригодна програма, во присуство на другите ученици и професорите од училиштето.
#Историски осврт на работата на Гимназијата.
Гимназијата „Јосип Броз – Тито“ Битола е една од најстарите, најреномираните и најквалитетни средни училишта во Република Македонија. Долги години образова и воспитува генерации на ученици, кои се подготвени да се справат со предизвиците на новото време, секогаш настојувајќи кај нив да развијат вредности, кои ќе им овозможат да изградат успешна иднина.
Денешната Гимназија „Јосип Броз Тито“, започнала да работи во 1892 година и тоа како нижа Гимназија. Зградата во која се отвора Гимназијата му припаѓала на богатиот битолски бег Сали Паша. Во гимназијата се образувале ученици од целиот Битолски вилает, па оние кои не биле од градот, претстојувале во интернат кој бил во склоп на самото училиште.
Турскиот наставен јазик во гимназијата опстанал околу дваесет години, а со Балканските војни и промената на власта во Битола, се променил и јазикот на кој се предава во училиштето. Во 1914 година, оваа гимназија ја посетил и српскиот престолонаследник Александар Караѓорѓевиќ, па подоцна се споменува и променет назив на училиштето „Српска кралска Гимназија“. Во целиот меѓувоен период Гимназијата работи на српски наставен јазик и таа, заедно со Гимназијата во Скопје, биле единствените гимназии од општообразовен тип на територијата на Вардарска Македонија.
Во годините на Првата светска војна, од постојаните бомбардирања на градот Битола од бугарските и германските позиции на Пелистер, била оштетена и зградата на Гимназијата, но во периодот од 1918 до 1921 година таа е обновена и завршен е и третиот кат, со што се добиваат просторни услови за работа на осумгодишната гимназија, која многу брзо се стекнала со углед во Кралството Југославија.
Во текот на Втората светска војна, таа останува значајно училиште во кое се школувале и голем број на млади револуционери и подоцна и борци во Народно-ослободителната војна. Меѓу поранешните ученици на Гимназијата кои биле прогласени за народни херои за ослободувањето на Југославија биле:
• Стив Наумов,
• Мирче Ацев,
• Кузман Јосифовски –Питу,
• Страшо Пинџур и
• Елпида Караманди
• Борка Талевски.
По ослободувањето на Македонија, Гимназијата ја продолжила својата дејност и на 6 февруари 1945 година Гимназијата започна со редовна настава на македонски јазик, со решение на Народната влада на Демократска Федеративна Македонија. Одлуката за почеток на редовна настава на македонски јазик ја објавил првиот директор на Гимназијата Орде Печијаре, а на свеченоста прв пат стиховите на Константин Миладинов „Т’га за југ“, „Бисера“, „Голапче“, како и стиховите на Кочо Рацин биле поздравени со силен аплауз. Од следната учебна година 1945/46, покрај гимназиски, биле отворени и паралелки за образование на учители, кои биле неопходни за ширење на образованието на мајчин јазик. Од тие паралелки и ново запишаните ученици, во идната школска година 1946/1947 се отворила учителска школа, која подоцна прераснува во нова гимназија, а учителската школа прераснува во Педагошка академија од учебната 1964/65 година. Од 1945 до 1952 година, Гимназијата била именувана и работела под името Гоце Делчев, а од 1952 година и ден денес е под патронство на Јосип Броз-Тито.
Угледот и успесите на Гимназијата се потврдени со бројни награди, признанија и одликувања, меѓу кои ќе ги набележиме следниве: Орден заслуга за народ со златна ѕвезда во 1976 година во поранешна СФРЈ, наградата „Климент Охридски“ во 1976 година, за посебни остварувања во воспитно-образовната дејност од посебно значење во Македонија. Во 1975 г. Гимназијата е носител на највисоката општинска награда „4-ти ноември“ по повод 30 години настава на македонски јазик (1945 – 1975). Наградата „4-ти Ноември“ гимназијата повторно ја добива и во 2013 година, со што го потврдува континуитетот во развојот и издигнувањето на наставно-образовниот процес во градот Битола и во Република Македонија.
Исто така таа е добитник и на многу други награди, признанија, пехари и медали кои ги красат витрините на оваа средношколска установа.
Успесите на Гимназијата ги потврдува и фактот дека од оваа Гимназија излегле познати и докажани во својата област личности, меѓу кои можеме да ги издвоиме:
#Академици во МАНУ
• Коле Чашуле,
• Владо Камбовски,
• Анте Поповски,
• ПетреМ.Андреевски,
• Ристо Лозановски
• Живко Попов
• Фанула Папазоглу
• Томе Бошевски
• Ѓорги Чупона
• Александар Христов
• Љубен Лапе
• Димче Коцо
• Кирил Миљовски
• Ѓорги Филиповски
• Петар Серафимов
• Михаил Петрушевски
• Георги Константиновски
• Владимир Костов
#Ректори на Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола
• Игор Неделковски
• Божидар Маслинков
• Златко Жоглев
#Ректори на унуверзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје
• Томислав Чокревски
#Конзули
• Калиопа Кривашија Стилиновиќ
• Миодраг Андријашевиќ
• Силјан Мицевски
Од седумдесетте генерации ученици на Гимназијата, денес многумина станале и успешни инженери, работници, лекари, професори, писатели, уметници, научници...
И денес Гимназијата е расадник на успешни млади луѓе кои цврсто чекорат по своите кариерни патеки и секогаш со радост се навраќаат да се потсетат на деновите поминати во училиштето.