2win800x200

Најбучно во Битола е пред Уредот и кај Гроздот

Јули 08, 2018

Преку цел ден најголема комунална бучава во Битола има кај кружниот тек меѓу улиците „Филип Втори Македонски“, односно некогашната „Иван Милутиновиќ“ и „Столарска“, поточно пред Здравствениот дом и кај месноста викана „Грозд“.

Мерењата на Центарот за јавно здравје од Битола за ланската година покажаа дека на кружниот тек пред Уредот отстапувања од граничната вредност има за четири децибели преку ден, вечер и ноќ. Така, преку ден и вечер измерените вредности покажале бучава од 59 децибели, а границата е 55, ноќе 49 децибели, а нормалата е до 45. Ова е зона на здравствена заштита и спаѓа во подрачје од втор степен на заштита од бучава.

 

Надминувања на граничните вредности преку ден и ноќ има и на крстосницата меѓу улиците „Филип Втори Македонски“ и „Прилепска“, како и на „Партизанска“ кај Болницата за три до четири децибели.

Во останатите делови од градот, односно станбените зони, интензитетот на бучавата во текот на 2017 година во најголем дел се одржувал под граничната вредност. 

Во извештајот на Центарот за јавно здравје пишува дека максималното ниво на бучава во градот е 68 децибели измерено кај месноста Грозд, односно крстосницата на улиците  „Димитар Илиевски Мурато“ со „Никола Тесла“. Сепак, ова е подрачје од трет степен, па бучавата во текот на деноноќието е во границите на дозволеното, но пресметано вкупно во однос на сите осум мерни места во градот е најбучно.

Мерењата се реализирале во април и октомври, по 200 мерења на секој пункт во сезона.  .

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани