АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Оштетена е една од спомен плочите поставена на местото на областниот централен бугарски фашистички затвор кај Црн Мост во Битола. На плочата која е скршена на половина стои името на Илиоски Иге од Дрен, прилепско, кој бил стрелан во 1941 година.
Овде биле затворани 250 политички затвореници, учесници во НОВ и Антифашистичкото движење од Македонија. Педесет од нив биле осудени на смрт, 20 на доживотна затворска казна, а останатите на строг затвор до 20 години.
На 6 септември 1942 година, политичките затвореници успеале да избегаат од бугарскиот фашистички затвор, а потоа веднаш се вклучиле во завршните операции за конечно ослободување на Македонија од фашистичка окупација.
Над уништената плоча стои натпис:
„Тие беа камења кремени посилни од јамките крвави, посилни од смртта зашто народот свој го сакаа, зашто за сончевина кренаа рака“
Ова е втор споменик за само неколку дена во Битола кој е сквернавен. Непознати сторители пред неколку дена ја уништија спомен бистата на народниот херој Панде Кајзеро во дворот на месната заедница на улицата „15 Корпус“. Бистата беше откорната од постаментот, оштетена и турната на земја.
Општинскиот одбор на Сојузот на борци од Битола го осуди овој чин и побара надлежните да ги откријат сторителите.