АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Голем пожар го зафати Преспанскиот регион, во делот кај туристичките населби Отешево и Сирхан, како и дел од Националниот парк Галичица. Досега пожарот зафати околу 300 хектари шума, а пожарникарите и вработени од Националниот парк се обидуваат да го спречат ширењето на пожарот и да ја заштитат викенд населбата кај Сирхан.
„ Цела Преспа е во пламен. Гореше кај Отешево, Сирхан, прво трската околу езерото, а потоа ветерот го префрли огнот преку асфалтираниот пат и ја зафати шумата. Се движи кон Националниот парк Галичица. Немаме струја, се запали и далековод“, раскажува сопственик на вила во Сирхан.
Градоначалникот на Ресен, Живко Гошаревски рече дека одржан е Кризен штаб по неколкуте пожари што избувнале денес.
„Не се работи за еден пожар. Туку за неколку. Гореше кај Долно Дупени и Маркова Нога, каде пожарникари од Ресен и Битола го ставија пожарот под контрола. Потоа имаше пожар на трската околу езерото, каде изгоре поголема поврзшина трска , а и овоштарници. Потоа ветерот го префрли пожарот кон шумата и зафатен е дел од Националниот парк Галичица, досега зафатени се околу 300 хектари шума“, рече градоначалникот.
Тој објасни дека во Националниот парк Галичица гаснат екипи на Противпожарните единици од Ресен и Охрид, како и вработени во паркот. Денес сите пет противпожарни возила на ресенската пожарна биле на терен, сите пожарникари и други лица вработени во општинските служби. Пожарникарите и вработените од паркот остануваат да дежураат цела вечер.
(Извор СДК.МК)