АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Битолското корзо е симбол на урбаното живеење и датира уште многу одмана, но, иако низ годините се менувале навиките и обичаите на битолчани за променадите по главната улица, сепак корзото, кое исчезнало во многу урбани средини, во Битола постои и денес.
Но, како било во минатото? Навиките на битолчани за прошетка по главната улица ги опишува и проф. др. Александар Стерјовски во неговата книга „Калеидоскоп“.
Битолското корозо (итал. Corso-градско шеталиште) е медитеранско влијание прифатено кај нас откако воените сеќавања за Првата светска војна се подзаборавиле. Битолчани, меѓутоа, знаеле да се расшетуваат и во османлискиот период, а оваа традиција продолжила да се негува и меѓу двете светски војни, макар што медитеранските променади на Широк Сокак, беа се одомаќиниле, пишува Стерјовски.
Пистата била долга околу 2-3 стотини метри и почнувала кај бавчата на хотелот „Централ“ (денешен „ Епинал“), а повратниот пат кај Камениот мост. Тротоарот од десната страна им припаѓал на брачните парови и на тие што би требало да влезат во таа категорија, коловозот на срдношколците, чие вечерно движење било ограничено до 20 часот, во лето и 19 часот, во зима, а спротивниот тротоар за калфи, чираци и за тие што за првпат ја откриваат оваа забава. Во ритамот на движењето влијание имал сегашниот објект на „Телекабел“ кој окупирал дел од десниот тротоар, правејќи теснец, па оттаму тој духовито бил преименуван во „Дарданели“, но застои имало и поради групи кои подзастанувале во интересниот разговор. Имало и стационирани групни собирања, се знаеле и местата и составот на групите, во кои се разговарало, се дебатирало, се спорело, се шегувало и тоа траело додеке траела и општата променада, пишува Стерјовски во „Калеидоскоп“
На Корзо не се излегувало било како, туку тоа било писта на најновата мода, на нови фустани и костуми, но и на нови граѓани што решиле да живеат во Битола. Тука се претставувала и новата адолесцентна генерација, замомената девојка, се доживувале младешки симпатии, се изнаоѓале животни партнери.
Стерјовски пренесува и впечаток на белградски новинар во 1926 година кој за битолското корзо, меѓудругото, напишал:
„Корзото беше необично живо. Мажи, навистина, нема многу. Но, затоа корзото е полно со насмеани момински лица. Никаде не сум видел така убави примероци на жени како во Битола“.
Овој вид забава толку се сродила со менталитетот на младо и на старо, што изнуди и промена на името на улицава, па Широк Сокак станал Корзо и тоа име ќе опстои до денес, особено кај постарите генерации битолчани, пишува Стерјовски во неговата книга „Калеидоскоп“
На шега, битолчани во поново време, Широк Сокак го нарекуваат и улица „Биди виден“.
Е. М.