АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Верници од Битола и потпелистерските села вечерва се собраа на Вечерна Богослужба во црквата „Успение на Пресвета Богородица” во селото Трново.
На Богослужбата со петтолебие верниците се помолија за здравје, среќа и бериќет во семејството.
Отецот Борис на присутните им рече дека самиот збор успение значи заспивање; поинаку кажано, не се слави смртта, туку вознесувањето на Богородица во небесните живеалишта, затоа радувајте се и бидете среќни им порача на верниците.
За големиот христијански празник во црквата имаше неколкумина кумови, домаќини од селото Трново. Еден од нив е и Христо Пановски со сопругата Ане.
- Во духот на христијанските обичаи и традиции годинава сме кумови на Голема Богородица. За време на службата се вршеше и петтолебие. За петтолебието се подготвуваат пет лепчиња исто така и вино и масло, и на средината во црквата се извршува овој чин. Празнувањето продолжува утре,чекаме многу гости, вели Христо.
Црквата „Успение на Пресвета Богородица” е изградена во 1854 година, се наоѓа на самиот влез од селото Трново. За време на Првата Светска војна црквата била целосно уништена, при што на многу вредни реликвии им се губи секаков траг. За вредниот иконостас се знае дека бил демонтиран од страна на бугарските војници кои сакале да го пренесат во својата земја. Сепак, поради тешките воени услови, тие не успеале целосно во својата намера, па иконостасот подоцна бил најден и пренесен во црквата „Пресвета Богородица” во Битола.
Во 30-те години на дваесеттиот век црквата во Трново е обновена од страна на месното население и таа повторно станува центар на духовниот живот на селото. Во последните години, во летните месеци, дворот на црквата е место каде што се среќаваат иселениците од европските и прекуокеанските земји.