Битолчани преку фото објективите ја насликаа љубовта во услови на коронавирус во Битола. Ангела Митковска улови момент на љубов и музика на Широк Сокак и ја понесе првата награда на осмата традиционална фото- изложбата ,,Со љубов за Битола" во организација на Центарот за европски развој и интеграција во Битола.
,,Фотографијата е направена на Широк Сокак сосема случајно. На неа има љубов во време на корона зашто има свирач од една страна и маж и жена од друга кои се држат за рака и носат маски", вели Митковска.
Втората награда ја доби Александар Буневски за фотографијата на која во преден план се вљубени, а во позадина кометата Неовајс, симбол на ова специфично лето.
Фотографот Димитар Стиснијовски направи фотографија од вљубени на Големо Езеро на Пелистер и ја наслови ,,1642 метри над Широк Сокак". Стефан Божинов фотографираше младенци штотуку стапени во брак со маски. Перица Поповски во фотографијата ,,Пери- носи"заштитни маски како се сушат на 13 кат, а во позадина се гледа Битола.
,,Оваа манифестација е простор за овие млади луѓе да имаат каде да ги претстават своите фотографии. Ова е можност за секој оној кој можеби не е професионален фотограф, а ја сака фотографијата да се изрази себеси", рече организаторот Диоген Хаџи-Коста Милевски, претседател на ЦЕРИ.
На конкурсот пристигнаа сто фотографии, а стручното жири селектираше 25 од 23 автори.
,,Кога ја договаравме изложбата знаев дека треба да ја поврзиме со оваа наша реалност. Тогаш на мојата масичка беше книгата 'Љубов во време на колера' и така се роди темата 'Љубов во време на корона' зашто љубовта е двигател која ги води оние кои ги создадоа делата што ќе зборуваат за оваа реалноат кога таа ќе е само спомен", рече Маја Андоновска Илијовски директор на Центарот за култура од Битола, поддржувач на манифестацијата.