2win800x200

×

Предупредување

JUser: :_load: Неможно вчитување корисник со ID: 801

Миновски го обвини Мицкоски дека склучувал милионски договори во четири очи за ископ на јаглен во РЕК Битола

Април 15, 2018

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, поранешен директор на АД ЕЛЕМ во четири очи склучил два договори со непосредна спогодба со компаниите Пелистер и Марковски, двата во вредност од 10,5 милиони евра. Со Пелистер, веднаш по неговото назначување на функцијата, на 3 ноември 2016г, за сума од 5,7 милиони евра, а три месеци подоцна и со Марковски – за 4,8 милиони евра, обвини директорот на АД ЕЛЕМ, Драган Миновски.

Тој тече дека овие два договора, но и многу други кои биле склучени додека Мицкоски бил директор на ЕЛЕМ,  се предмет на внатрешна и надворешна  ревизија во компанијата. Резултатите од ревизијата ќе бидат готови за кратко време, по што ќе бидат изнесени во јавноста.

ВМРО-ДПМНЕ деновиве обвинува дека АД ЕЛЕМ го наместил тендерот за Пелистер ДОО Битола која, според нив е блиска до СДСМ, со тоа што ги изменил условите за тендерска документација и дека пред неколку дена додал уште еден услов за избор на економски оператор  – тој да има ископани минимум 900.000 тони јаглен или 1.000.000 метри кубни јаловина.

Што се однесува на  овие обвинувања,  Миновски рече дека по откажувањето на Трансмет во февруари, сериозно било загрозено производството на електрична енергија и електроенергетскиот систем на државата, што ја наметнало потребата во иднина да се заострат условите за тендерите и да се оневозможи повторно работата во РЕК Битола да ја добие фирма само фиктивно способна да врши ископ, а во суштина, на терен тоа да не може да го прави. За да овозможат поголема конкурентност, ЕЛЕМ додал уште еден услов кој може да го исполнат и повеќе компании.

– Еден економски оператор се жалеше до Државната комисија за жалби по јавни набавки. Комисијата ја одби жалбата како неоснована. Но и покрај тоа, АД ЕЛЕМ ја прошири можноста – да може да се пријават и фирми кои имаат ископано покрај јаглен, или 1 милион метри кубни јаловина (земја или карпест материјал) или руда. Значи, иако комисијата не ни наложи да ставаме дополнителни услови, иако беше проценето дека тендерот овозможува конкурентност, АД ЕЛЕМ самоиницијативно одлучи да додаде уште еден услов со цел да обезбеди уште поголема конкурентност, но само на сериозни фирми. Условите се и натаму доволно ригорозни за да спречат да се пријави или уште повеќе да победи некоја фирма од калибарот на Трансмет, кои само можат да направат штета на комбинатот и на целиот производствен процес, истакна Миновски. Според нивните анализи, рече, под наведените услови во огласот  може да се јават најмалку седум компании.

Тој смета дека обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ се поради тоа што опозициската партија и нејзиниот лидер Христијан Мицкоски, кој беше поранешен директор на АД ЕЛЕМ, се плашат од почетокот на важни проекти во енергетскиот сектор.

На тврдењето на Мицкоски дека ЕЛЕМ има  намалено производство во првиот квартал на оваа година, Миновски  рече дека произведувале толку колку што имало потреба за тарифните потрошувачи, а електричната енергија која ја заштедиле со, како што рече, домаќинско, одговорно и професионално работење, во наредната недела ќе ја понудат на продажба на слободниот пазар

– Со тоа ќе оствариме профит за компанијата и за државата. Ова ќе биде прва продажба на електрична енергија од АД ЕЛЕМ по 2016 година, зашто две години ЕЛЕМ не продавал електрична енергија, рече Миновски. Додаде дека Мицкоски, оставил 12 проценти помалку расположливи производни капацитети и дека за разлика од неговите 14 развојни проекти, како Рајски парк, велосипедска патека, ски-центар на Водно… новиот менаџмент на ЕЛЕМ почнал постапка за изградба на нови ветерни електрани, нови фотоволтаични електрани, електростатски филтри во РЕК Битола и страндардизирано отпепелување, модернизација на ТЕЦ Осломеј…

– Мицкоски се пофали дека оставил 25 милиони евра на сметката на АД ЕЛЕМ без никакви долгови кон доверители и вработените. Тоа што е точно е дека остави 17,8 милиони евра депозити во банките и 7,3 милиони евра расположливи средства… За разлика од него, ние го исплативме К-15 за 2017 кој Мицкоски не го исплати, и исплатен е и петпроцентниот додаток кој Мицкоски, исто така, не го исплати за целиот период наназад, исплатени се сите ремонтни активности и поправки, и во овој момент на сметката на АД ЕЛЕМ има 25 милиони евра депозити, и уште 20 милиони евра расположливи средства, или вкупно 45 милиони евра, значи двапати повеќе од тоа што остави Мицкоски, рече генералниот директор на АД ЕЛЕМ на пресот – реакција на обвинувањата на опозициската партија.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани