АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Битола е јужна точка на Балканот, но со сибирска зима, вели професорот Борис Ангелков, поранешен претседател на Научното друштво од Битола кометирајќи го климатскиот феномен кој се случува во градот преку зима и тоа, инверзија на воздухот и таканареченото поларно езеро од магла кое легна над градот.
„Феноменот на поларни зими е предизвикан од ладните воздушни маси кои легнуваат во Пелагониската рамнина, а топлиот воздух бега на горе кон Пелистер. Се јавува инверзија на воздухот во која Битола мрзни на минус, а горе на Пелистер има сонце, скијачите се сончаат. Од горе се чини како да сте пред поларно езеро, а тоа е котлината полна сињак. Овде е студено, а преку Плетвар се пет до десет степени температурите над нулата“, вели Ангелков.
По професија не е метеоролог, туку ветеринар, но е меѓу битолчаните кои најдобро ги познаваат климатските карактеристики на овој крај. Долги години ги истражувал временските улови зашто од ЗК “Пелагонија“ добил задача да раководи со изградбата на фарма на место позаштитено од ниските температури. Направил 40 годишни истражувања. Поради ваквите магловити денови не се изградил ни земјоделски аеродром на просторот помеѓу Битола и Прилеп во времето на Социјалистичка Југославија што е голема штета . Денес би било добро таков аеродром да има за транспорт на земјоделски производи од Пелагониската и Преспанската котлина (зеленчук, овошје, млечни производи) и репроматеријали за земјоделството ( ѓубрива, заштитни средства).
„Пелагонија е заградена со големи планински масиви Баба и Ниџе. Продорот на топлиот воздух од регионот на Медитеранот тешко доаѓа до неа, освен кога дуваат јаки јужни ветрови, но тоа е во летните периоди. Зимата тешко продираат поволни климатски услови, додека по Вардар таа медитеранска клима може да стигне дури до Скопје. Порано пред да се изгради Тиквешката брана тие климатски влијанија стигнуваа по долината на Црна река, до Скочивир, но тоа сега го нема“, вели Ангелков.
Маглената капа паѓа од Тополчани до Лерин. Овој крај има континентална клима, слична на онаа во Сараево, Софија и Белград. Поради ваквото време во поранешна Југославија градот бил вбројуван во четврта категорија на реони најнеповолни за градежништво. Ваквата проценка била направена зашто имало зими кога почвата замрзнувала до 80 сантимери. Оттаму градежниците во Пелагониско не прават поплитки темели. Ако се направи темел до 30 семтиметри постои опасност брзо да замрзне, да распука и објектот да се сруши.
Преку годината Пелагонија има температури кои се движат од - 40 до плус 40 степени Целзиусови или амплитуда од 80 степени што е огромна разлика. Дури и ветровите се ретки преку зима.
„Ружта на вертови кај нас е северозапат кон југоисток. Дува најчесто од кај Демирхисарскиот дел кон Битола и Лерин. Тоа се најчестите и најјаките ветрови. Најслаби се источните ветрови и најретки, ги има 45 пати годишно и тоа ја спасува Битола да немаме голема загаденост од РЕК. Кога РЕК би бил поставен кај Демирхисарско тоа би било страшно за Битола“, додава Ангелков.
Во Битола во просек има по 22 магловити дена. За најмаглив месец се смета декември со 6,4 денови со магла, па јануари со 6,3, ноември со 4,1 и февруари со 2,8.