Проповедниците на антимакедонизмот објавија дека Македонците се „вештачка коминтерновска творба“ и, секојдневно, посакуваат и работат за исчезнување на нацијата македонска и државата Македонија. Да се испише, опише и осуди ваквиот злобномагичен антимакедонски амалгам од фразеологија, историски фалсификати, празноборство и глупости, да се објасни, сè повеќе присутното, налудничаво себеодродништво, создадено од тајните полициско-пропагандни служби и од соседските големодржавни проекти „поткрепени“ со измислени и фалсификувани историски извори, е нешто со што секојдневно сме се бореле и, се чини, уште повеќе ќе треба да се бориме.
Врховистичките врачеви денес, сè уште, врачаат потпираќи се врз антимакедонските пропагадни шеми од крајот на деветнаесеттиот и почетокот на дваесеттиот век, оти токму тие врховистички интелектуално-револуционерни шеми најповеќе дејствувале корозивно, разорно и фатално негативно на развојот на националната свест. Создавањето на ситносопственичка меркантилна свест во борбата за ослободување од османскиот јарем кај македонските чорбаџии и учителска интелигенција, отровното дејствување на туѓоидентитетските шаблони врз свеста и совеста на македонскиот народ, без никакви делеми дифузно ја обликуваше македонската народносна самоидентификација. И токму таквата флуктуирачка свест беше доминантно присутна до четириесет и четвртата година. Политичко-националното бунило со ставање во служба на туѓи вооружени сили и гинење за туѓи големодржавни интереси во, скоро, целата прва половина на минатиот век, не би имало онакви грандиозно глупави и штетни размери кога политичконационалната и културнонационалната кохезија на македонскиот народ би била втемелена врз сопствена национална свест и врз автентична националноослободителна борба.
Таквата ветва врховистичка политика, ни се повампири. Затоа, во сите овие триесетина години наназад, сите рамнотежи, политички, национални, културни и институционални, беа нарушени, сè се лизгаше наудолу, сè се развиваше накриво, сè стагнираше, луѓето затупуваа, државата и нацијата беа во секојдневен грч од труењето со пропагандни ревизионистички водички, а антимакедонската злоба се кочопереше нагиздена со панделки и со ленти, патувајќи по широкоте друмишта во златна кочија изнајмена од неоврховизираните политичари и газди. Затоа, во таа, поранешна и особено денешна, анационална неолиберална лудница во која „главни“ политички и интелектуални „фаци“ се национално одродени леминзи, на многумина им беше и им е „чудно“ и „непријатно“ да се претстават како македонски патриоти.
Денешните наши антимакедонски петоколонаши и гатачи се борат да ја освојат нашата стварност и да ги рециклираат деветнаесетвековните денационализација и асимилација. Тоа, секако, е умоболна политичко-социолошка операција, оти преку неа нè убедуваат во она што никој нормално разумен човек и Македонец не може да поверува – имено, дека ние Македонците не сме Македонци и дека треба да се самоукиниме и претвориме во Срби, Грци или Бугари... И овие пропагатори на идиотизмот кај нас, на скалата на успешност се високо искачени, па глумат политичари, министри, директори, новинари, аналитичари..., добиваат простор и време во медиумскиот етер да нè трујат со своите празни дрдорења и заработуваат големи пари од продажбата на антимакедонската магла. За жал, денес кај нас важат за „учени“ такви будалишта кои бесрамно проповедаат колективно национално самоубиство преку самоодродување и себенегирање. Ваквиот бродолом на разумот, националната свест и човечкото и националното достоинство, е нешто што треба да го третираат психијатриските установи и соодветните контраразузнавачки служби, а не да му се прикажува на македонскиот народ како иднина на нацијата и државата.
Ако не сакаме бавна идентитетска смрт не смееме да дозволиме да ни се случи колективен национален митридатизам на антимакедонските негаторски отрови. Тоа значи дека треба антитоксично да реагираме, да ја повратиме нормалната македонска свест и совест, да ги отстранеме антимакедонските делетериуми кои предизвикуваат делови на национално ткиво да биде одроднички гангренозно, дека треба да ја вратиме паметта која сега капитулирала пред незнаењето, лагите, сензационализмот и злото, за да можеме да ги разоткриеме и осудиме многубројните, нелегални и неморални, антимакедонски врски и конексии на домашните врховисти со соседните големодржавни проекти.
Фактички, на пишаните зборови што ќе успеат да им ги симнат маските на овие купишта од антинационални мистификации ќе им треба голема инвентивност и упорност. А никогаш не смееме да заборавиме дека македонската национална припадност, ренановски кажано, е чувство кое треба да се потврдува секојдневно и плебисцитарно, па затоа мора макотрпно да се работи на сите сегменти од нашето опстојување низ времето и просторот. И оттука, никогаш не е отповеќе да се потсетува и да се цитира Мисирков со неговата „беззаветна и безгранична љубов“ кон македонскиот народ и потребата од „постајано мислење и работење за интересите на Македонија.“
(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)