2win800x200

×

Предупредување

JUser: :_load: Неможно вчитување корисник со ID: 802

JUser: :_load: Неможно вчитување корисник со ID: 801

Време е битолчани да добијат свое место на „Браќа Манаки“

Октомври 07, 2017

Кога бев мала токму многу се раскажуваше низ Битола за филмскиот фестивал „Браќа Манаки“ што го доживувавме како голем настан. Препознававме дека се одржува по големиот огномет на битолското небо. На телевизиите го гледавме преносот од црвениот килом. Како тинејџери одевме со другарите да погледнеме некое од подобрите филмови што се прикажуваа, а ги имаше многу. Се туркавме во бројната публиката околу црвениот килим да видеме кога ќе помине познатиот британски актер Мајкл Јорк кој во деведесетите години дојде во Битола. Бевме горди што го воодушеви Пелистер, па дури и на тоа што место месо во хотелот „Молика“ барал да му подготват поперки. Од актерите, па до пиперките се имаше некоја магија во градот.

 Годинава по што препознавме дека фестивалот беше и помина? Огномет одамна нема, а и гости на црвениот килим од година во година има се помалку. Ако не беа неколкумината филмаџии од Скопје, кинематограферите од филмовите во главна конкуренција, политичарите и некои модни креатори со девојки кои ги носеа нивните креации, бројот на гостити на килимот и во салата за свеченостите ќе беше мал. За ова има и објективни причини зашто организаторите минаа низ многу опструкции од поранешното раководство на Агенцијата за филм и општина Битола, а не се откажаа од фестивалот. .

Сепак, прашањето е каде беше битолската публика? Помалку од педесетина битолчани се појавија на отворањето, уште помалку на затворањето. Дел од проекциите имаа публика, дел не. Не верувам дека фестивалот денес помалку им значи на битолчани. Но, низ годините, со наметнувањето на скопската шема на фестивалот, се истиснаа вистинските домаќини. Пред неколку години на помпезните отворања со светски познати ѕвезди, па и премиерите на најновите македонски филмови, најголемиот дел од билетите завршуваа во Скопје. Повеќето битолчани се чувствуваа фрустрирано , како граѓани од втор ред, не можеа да добијат влезница за во салата. Едно време и новинарите добивавме само актредитации за да го следиме од на нога свеченото отворање, а за филмот потоа немаше место. Влезници добиваа сопствениците на медиумите и уредниците во Скопје.

Сега битолските новинари добиваме билети зошто тоа го побаравме од организаторите. Но, само една влезница во редакција и покрај тоа што годинава во слата имаше толку празни места. Фестивалот го зачува скопскиот белег. Од организаторите, водителите, филмските критичари, уметниците во перформансите, пиарот, па се до фотографите беа дојдени од Скопје. Од Битола беа вклучени Ѓорги Пулевски за студентската програма и техничката служба од Центарот за култура. Со должна почит кон актерот Сашко Коцев за успехот што го постигнал на актерски план, но зарем не можеше да се изнајде битолчанец да ја води програмата? Со должна почит кон режисерката Нела Витошевиќ за преформансот што го потготви за гала отворањето, но зарем Битола нема уметници да се претстават со свој труд? И на крај, зарем и фотографот на фестивалот во градот каде пред повеќе од еден век фотографирале браќата Манаки, мораше да биде од Скопје?

Знам дека Македонија е мала држава, а има премногу поделби и по национален, етнички, политички основ, па сега да не поттикнуваме делба и по градови. Мојот текст нема таква намера. Јас само сметам дека конечно битолчани треба да си го добијат своето место на фестивалот. За да го чувствуваат повторно свој, за да ги наполнат салите.

Голем чекор напред е тоа што се отвора канцеларија на фестивалот која ќе работи цела година во Центарот за култура. Но, со тоа не завршува се. Битола ќе мора понатаму да гради стручен кадар кој ќе учествува во организацијата на фестивалот. Не за да ја преземи, туку да ги соедини искуствата со професионалците од Друштвото на филмски работници во Скопје и на крај успехот да биде заеднички.

Ако не го направиме тоа, ќе ни се повторуваат ситуации како онаа на годинешниот фестивал кога модераторката на крај од една прес конференција  на гостите им рече „ви благодариме што дојдовте во Скопје“. Нема да и го откријам името зашто верувам дека грешката беше направена ненамерно. Но, како и да беше, брзо реагираше биточанецот Стефан Хаџиантоновски, кој се вбројува меѓу иницијаторите за формирање на фестивалот, тој ја прекори пред сите велејќи со силен глас „ова не е Скопје, ова е Битола“.

  Жанета Здравковска    

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани