Стравораздавачи

Април 16, 2023

пишува: проф. др Александар Литовски

 

Ширењето страв во денешниот свет е политичка доктрина. Поучени од Макјавели, денешните светски владеачи сфатиле дека оној што го контролира стравот во општеството, во голема мерка го контролира целото општество. Стравот, како политичка алатка, не може никако да биде доблест, туку единствено порок. Општествениот страв е главниот белег на нерешителноста, на послушноста, на молчаливоста, па дури и на подлоста. Тој е основата на сите порази. За стравот како политичка доктрина во време на војна и воопшто на „демократскиот“ свет, згодна референца е Ноам Чомски со неговите истражувањата и луцидни анализи, кои покажале, на пример, дека администрацијата на американскиот претседател Вудроу Вилсон, преку владиниот „пропаганден одбор“, за само шест месеци интензивно дејствување, успеал да го претвори релативно мирољубивото американско население, во „хистерична популација која е опседната со војната и која сака да уништи сѐ што е германско, да ги испоубие сите Германци, да оди во војна и да го спаси светот... Во исто време и точно по војната, истите методи се применувале како би се влеал хистеричен страв од комунизмот, ‚црвен страв‘ како што го нарекувале“, со кој се успеало „да се уништат синдикатите и да се елиминираат проблемите со слободата на печатот и политичката мисла...“

Настапи време во кое неолибералните центри на моќ инсталирааат, онака подземно, страв од умноста и писменоста, оти тие можат со непредвидливи зборови да ја откриваат вознемирувачката суштина на нештата и со постојани апели за слобода, правда и мир да ги раздвижуваат и бунтуваат потиснатите човечни ангажмани. И, пацифизмот, секако. Затоа, дури, сѐ поочигледно станува, дека заради потребата од постоење на масовен страв, се форсираат интелектуалци кои создаваат „културни“ производи кои ги величаат стравот од „небесната казна од Бога“, ја инсталираат општата сервилност и го фаворизираат моралниот релативизам, во кој доброто и лошото постојат само како привид, во најдобар случај како субјективни категории.

Стравот смислено и плански се шири на сите страни и кај нас. Партиите, го негуваат стравот сред луѓето како најскапоцено цвеќе. Партиските пропагандни машинерии деноноќно го полеваат и размножуваат. Тие си замислиле дека нивниот политички успех зависи од успехот на луѓето да им втераат егзистенцијален страв. И од него да произведуваат хистерија за скорешната пропаст на земјата и луѓето македонски. За нив неразбирливо е во државава ништо „трагично“ да не се случува. Незамисливо е да се соопштуваат само „нормални“ вести. Ако треба, „трагедијата“ се измислува. Така, создаваат „грозница на времето“ во која Македонија секој нареден ден пропаѓа. Всушност, нашите негатори и стравораздавачи, иднината на нашата држава ни ја проектираат целосно песимистички и нихилистички, оти ние сме „квази држава“, оти „ги загубивме името и земјата, а за скоро ќе го загубиме и националниот идентитет“, оти „само слепец не гледа дека оваа држава нема иднина“, оти сме биле „без ресурси, без сојузници, без индустрија, без знаење, без пари, без население...“ Викаат тие: „Македонија е мртва“, а тие се мудреците и јунаците што таа „вистина“ секојдневно ни ја кажуваат на нас „глупавите“, кои, сè уште, веруваме и си ја сакаме сопствената земја и нејзините луѓе.

Хистеричниот, но безразложен и лажен страв, ширен од партиската пропаганда и платените агентите на антимакедонските центри во соседството, создава чувство на безизлезност и бесперспективност. Се чини, како некаква нагазни мина од огромни размери да е поставена под целата држава и се чека само да експлодира. Таа фантазија за државата која е дигната во воздух на парампарчиња, е толку многу соблзанувачка за идеолозите на стравот, што тие се трудат со сета сила да ја докажат и прикажат како реална и стварна. И секако, после тоа токму тие кои се во улога на „гробари“, да се престорат во „спасители“ на Македонија и македонството. Знаат тие дека со стравот од „пропаста на земјата Македонска“ јавноста постојано се држи напната, небезбедна и уплашена. Секојдневно, како главно јадење се сервираат енергетски страв, исламофобија, инфлациски страв, словенофобија или албанофобија, безбедносен страв, ксенофобија, ценовен страв, здравствен страв... Листата на ирационални фобии е предолга, па бесмислено е да се набројуваат. За ширење на стравот и хистеријата, пропагандата се служи со сите средства: целосни измислици, лажни вести, скандали, полувистини, секојдневни катастрофични партиски соопштенија, кафеански пијани пелтечења за апокалипсата што претстои како непореклива вистина... Медиумите, катадневно, се преполни со застрашувачки работи, редакциите се претворени во мизансцен за производство на вести за опасностите за опстанокот на народот и крахот на државата, а граѓаните се толку возбудени и заплашени што со бесни и агресивни коментари бараат „каменување и смрт“ за сите „криминалци и предавници“. Дури и, апсурдно, ја довикуваат смртта и за сопствената држава.

Едноставно кажано, антимакедонската пропаганда посакува „пропаста на земјата Македонска“ да стане не само реална фикција, што, попатно кажано е класична антиномија, туку и да биде што пострашно плашило кое ќе ги умртви македонските сензори за нормалност и опстанок. И за тој лудачки потфат, дежурните стравосејачи не дозволуваат ниту да се дебатира, оти овие произведувачите на хистерија секогаш сè знаат и секогаш се „апсолутно во право“. Тие луѓе, може, на некого да му се чинат „интересни“ или „умни“, ама, фактички, се опасни за менталната здравствена состојба на нацијата и за иднината на државата. А, за нас, непоколебливите „сонувачи“ на една успешната Македонија, оваа наша земја ќе остане мајка во невреме, а дете во радоста на слободата и животот.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани