2win800x200

Озборувањето е културолошка парадигма или нужна мантра на паланечките „фаци“ против автентичниот код на индивидуата? (пишува м-р Даниела Петровска)

Јануари 14, 2025

Колумна на професор м-р Даниела Петровска

 

„Тие ми се смееја мене што сум поинаков, а јас им се смеев ним, зашто се исти меѓу себе“ – Буковски

             Во последно време се прашувам зошто „блажени“ се оние што „не знаат колку информации знаат“ за другите луѓе кои со своето ненаметливо и ноншалантно однесување стануваат „трн во окото“ на дежурните арбитри на јавното мислење. Општествено-социјалниот простор ни е детерминиран со консензуз на „елитната мапет шоу“ група која со доминација ги поставува стандардите на однесување на луѓето во една паланечка средина (ни село – ни град) каде што секојдневно под лупа се преиспитуваат нивните уверувања, отстапувањата од просечното паланечко однесување и докажувањето или оспорувањето на општоприфатената норма дека ако нешто не е во состојба на статус кво, тогаш се нарушува херметичноста и сигурноста на паланечката комфорна зона. Впрочем, од неа не е препорачливо да се излезе, зашто на тој начин им се руши статусот на сезнаечките епски хроничари дека „го пропуштиле главното дешавање во градот“ кои седејќи во кафулињата на централното живописно сокаче „ќе си умрат од мака дека  блендата на нивниот објектив нешто не фатила како што е редот“. Консензусот за општоприфатените правила се согледува во мнозинската мантра дека „сѐ е добро кога сѐ е под контрола“ и дека во паланката најдобро е човек да се придржува на воспоставените „правила на игра“ отколку тој да се обиде да остане индивидауално автентичен и на тој начин да стане „закана“ за колективниот карневал во кој максимата „никој не е поарен од нас“ е „пуштена на најјако“. Што ако црна мачка премине пред „опулените“ и им ги прекине добрите вибрации? Само напред, на истото место и во истото време, мелењето интегрално брашно од зборови нема да има застој.  Акредитивот мора да му се одземе на тој што пишува оригинално „писмо“, зашто везењето гоблен е поголема креација од самата креација.  На тој начин крупната „елита“  бланко не си го признава и не си го прифаќа сопствениот пораз и продолжува со јаловата интонација на самофалба дека гобленот е поубав од уметничката слика. И така, за инает, за да видат сите што не се како нив, пред да добијат „виза“ за влез во трезорот на малограѓански вредности, иницијантите задолжително треба во еден здив да ја испеат познатата турбо-фолк референца „јачи смо од судбине“.

Во агломерати како нашите балкански  градови, строго е определен и хомогенизиран просторот каде што се сконцентрирани илуминатите на трач партијата.  Тоа е обично најубавата резиденцијална зона на секое балканско сокаче (главната улица) и оттаму тие „нанишан“ ја имаат целата зона на дејствувачи кои намерно или ненамерно се движат низ тој сакрален простор и стануваат дел од приказните на прикасчиите.  Бабаџански свет (Живко Чинго) кој дише со посебен речник на дијалектизми и жаргонизми, колоквијализми и идиоми со носечка иронична и саркастична оска, а насочен кон перпетуирање на социјалните норми преку елиминација на сѐ што е различно.

Ако ја погледнеме номинацијата на местенцата каде што најчесто се раѓа социјалната осуда на различниот од нив, ќе ја видиме и метасимболиката на тие местенца – во нив секој што влегува треба да е ин, па да зрачи со престижен аутфит, пожелно е да ја знае топ-листата на песни што за да не ја заборави – трешти како носечки рингтон на ајфоните или другите смартфони

И така, секој ден и секоја ноќ тие, блажените, следат хроника на најавени смрти и на ненајавени љубови, на изневери и проневери, и уште какви не ... -вери.  И што се случува? Се создава имиџот на паланката – космогониски чин. Не е играчка, тоа  е макотрпна работа. Треба да се мине низ сито и решето за да се дојде до информацијата за другиот што после ќе се претвори во слика за него која со „сигурност“ е верна на стварноста (исто  како гоблен на местото од уметнича слика – важно виси на ѕидот).

        Како да се дојде до информација?

        Ќе се здружат неколкумина слични кои имаат заемна наклоност кон „објективно“ информирање.  Меѓу нив едните се окати, а другите се слепци. Окатите им ги „отвораат“ очите на слепците и тие стануваат нивни верни следбеници.  Замислете,  слепец кога ќе прогледа, тоа е како Едип да ја спасил Теба од загатката на Сфингата за човекот.  Се прашувате како прогледале слепците?  Овие окатите строго доверливо им кажуваат на слепците што е ново во паланката и тоа станува откровение за нив.  Ги нарекувам „слепци“ оти почнуваат да прогледуваат, па светлината на знаењето најпрвин им ги гурелави очите.  Тогаш тие, како Бопчински и Допчински („Ревизор“ – Гогољ), ќе се потрудат кажаното како „строго доверлив материјал“ да го чуваат само за себе, во стилот: МЕЃУ  МЕНЕ И ТЕБЕ  И  ЦЕЛО  СЕЛО.  О, па тогаш животот не сте свесни колку повеќе се осмислува.  Ако не е така, тој би бил монотон.  Затоа е потребна разонода од овој суштински тип на брборење, пардон на информирање, а и добро е прогледаните да не ја загубат светлината на знаењето. Затоа, на јуриш!!! Но внимавајте! Има кодекс на однесување: пријателството пред сè. Какво прекажување, не доаѓа предвид!

 Бопчински и Допчински се фаќаат под рака и правец – кај Радио Милева. Е, таму веќе професионално се пополнува дневникот на делникот.  Нема поголемо задоволство од тоа најпристојно да се исполни етерот со воспевањето на глупоста. Сепак, треба да се биде внимателен, не се пласира во стилот: што на ум-тоа на друм.  Има приоритети.  Прва делнична информација е приказната што не е слушната, тајната што не е осветлена и обелоденета.  Обзнаната на таа тајна се доживува како катарза.  Душата се ослободува од талогот на сознанието и на просветлените им олеснува.  Тие ја знаат Камиевата максима: сознанието носи трагика.  Затоа час поскоро треба да се ослободат од товарот на сознанието. Прераскажувањето на приказната ќе стане чин на „брборење“ и ќе се сфати дека животот никако не е немирен или, не дај боже, трагичен.  Таа брзобрборлива приказна само на другите им се случува, не ним. Никако!

         Бопчински и Допчински си го остваруваат светото право на слобода на говорот.  Тој што е против тоа право се смета за човек кој се противи на напредокот на основното човеково право – право на зборување и на веродостојно информирање.  Значи не смее да се биде нем и слеп кога се дознава „светата тајна“.  Сè е во служба на животот и на неговата одбрана:  ОЗБОРУВАМЕ – ЗНАЧИ  ПОСТОИМЕ.  Тоа е филозофијата на загрижените паланечки илуминати кои увидот во баналното го издигнуваат до катарзичната моќ на Едиповото макотрпно стигнување до себе како таткоубиец.  Или, ако се изразиме шекспировски, тоа би звучело вака: „Биди чист како лед и бел како снег, сепак нема да избегнеш клевети“.

Затоа, вие „заблудените“, „незаведените“ од луцидните сезнајковци, поддржете ја идејата дека добро е да се зборува, но подобро е да се молчи. Бидете аристотеловски големи луѓе и зборувајте за идеите, оставете ги малите луѓе кои приоритетно зборуваат за другите. Карневалот е убав, но еднаш маските ќе паднат.  Што ќе се случи тогаш со окатите? Се плашам окатите да не станат сакати, а прогледаните да не станат еднооки.  Кој ли тогаш ќе работи во Радио Милева?!

       

            Пишува професор м-р Даниела Петровска

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани