Пишува: Александар Литовски
Како и секој дијалог, и дијалог меѓу Македонија и Бугарија е возможен и плодоносен само како дијалог на рамноправни соговорници. Таму каде што едната страна се смета себеси за супериорна и затоа смета дека има право и обврска да им наметне решенија на другата страна, нема дијалог. Надменоста и арбитрарноста не се оправдани во дијалогот на државите и нациите, бидејќи сите држави и нации сè суштински еднакви и, никогаш, не можат оправдано да се поделат на „супериорни“ и „инфериорни“. Недозволива е ситуација во која едниот ќе биде надреден, а другиот подреден. Тоа треба да е принципелна позиција на Македонија во македонско-бугарските разговори.
Позицијата на инфериорност која на Македонија и Македонците се обидуваат да им ја наметнат бугарските националшовинистички политичари со експанзионистички фиксации, треба веднаш, резолутно, да се отфрли и, дури, треба целосно да се дерогира меѓудржавниот договор и да се прекинат преговорите. Одбраната на еднаквоста и рамноправноста на Македонија и Македонците во однос на Бугарија и Бугарите е „услов без кој не се може“ за да продолжат преговорите. Впрочем, еднаквоста и рамноправноста произлегуваат и од самиот меѓудржавен договор од 2017 г.
Македонскиот национален идентитет се формира на овие наши простори како и секој друг национален идентитет. Мораме да запаметиме, а особено нашите политичари, дека секој национален идентитет опстојува сè додека ги запазува сопствените основни карактеристики - јазикот, историјата, традицијата, територијата и одделната национална свест. Македонците, едноставно немаат друга алтернатива, освен да го чуваат својот идентитет. Тој е единственото нешто што е наше. Нашиот македонски идентитет - тоа сме ние Македонците! Без него - не нема нас! Не смее, дури и во најкошмарни ситуации и соништа, да дозволиме други да ни го определуваат идентитетот.
Туѓородната доминација врз културниот, духовниот и економскиот македонски простор отвора пат за да се поткопаат темелите на македонската самобитност и значи започнување антимакедонски процес на денационализација и асимилација. Опасноста од демакедонизација на Македонија е повеќе од очигледна, а систематската бугарска специјална војна против македонскиот национален идентитет добива, сè повеќе, „домашни“ приврзаници кои, дали за пари, дали за „пофалби“, глумат, или „национални конвертити-бугаромани“, или „прогресивци“, „толерантни и кооперативни европејци“ и слични корисни идиоти. А, истите овие одроденици, секојдневно низ македонскиот јавен простор, сите оние што не се подготвени да се пазарат со сопственото национално чувство ги карактеризираат и етикетираат како „домашни националисти“ и „неевропејци“, што тоа и да значи.
Во денешниот историскиот миг на европската изнемоштеност, непринципиелност и лицемерие, во време кoгa настапи сеопшто старечко гоење и гноење на европскиот Дух, време кога почна да се јавува шупливост во декламациите за „нова Европа“, што попатно кажано беше и декламација на Адолф Хитлер и неговите „прогресивци“, кога има видлив замор на европскиот разум, бугарскиот санстефански сон се јавува како фашизоидно привидение кое, за чудо, талка неказнето низ европските институции и е прифатено од европските бирократи. Бугарските националшовинисти наметливо гласно се движат по бриселските ходници како судии на Историјата, божем ја испосркале сета светска историска памет и папагалски, до изнемоштеност, ги повторуваат своите антикомунистички флоскули, небаре така ќе ја скријат својата непореклива фашистичка определба од пред осумдесетина години и денес, својот тогашен пораз, ќе го претворат во победа.
Ако оваа денешна омалаксана Европа дозволи и понатаму систематски и доследно да се кршат принципите на самоопределување, основните човечки и национални права, ако дозволи една членка да ги дерогира нејзините Копенхашки услови за прием на земји членки во ЕУ, а усвоени од страна на Европскиот совет, ако дозволи да се омаловажува секое чувство македонско, ако дозволи понатамошната деградација на македонската национална и државна супстанца, тогаш, колку и да изгледа претенциозно, треба да се каже дека не е далеку самракот на западно-европската цивилизација и дека државата македонска треба да се повлече од своите претензии да стане членка на една таква антипаравна, антихумана и антиморална политичка заедница.