
АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
НА ДЕНЕШЕН ДЕН, 18 ЈАНУАРИ 1914
Во селото Канино, Битолско, е роден Никола ТОДОРОВСКИ-Коле Канински, припадник на македонското националноослободително и комунистичко движење и учесник во Антифашистичката војна во Вардарскиот дел на Македонија.. По професија е правник. Основното и средното образование ги заврши во Битола. Во октомври 1933 година замина на студии по право во Белград. Тука имаше забележителна улога во прогресивното прокомунистичко студентско движење. Стана член на КПЈ во 1936 г. По завршувањето на факултетот во 1938 г. се врати во Битола и продолжи со својот политички ангажман. Од 1940 година е член на Месниот комитет на КПЈ-Битола. На битолскиот терен, сред населението е многу популарен. Во септември 1941 г. стана член на првиот Битолски месен воен штаб, што значи дека непосредно раководи со организирањето на партизанската борба во Битолско. Поради својата револуционерна активност во време на окупацијата неколкупати е затворан, а есента 1942 г. се приклучи кон партизанските единици. Во апри 1943 г. стана началник на штабот на Партизанскиот одред „Даме Груев“. По формирањето на Партизанскиот одред „Гоце Делчев“ на 20 мај 1943 г. тој е негов командант. Подоцна е именуван за политички комесар на Вториот баталјон на Третата оперативна зона, познат и како Битолско-мариовски баталјон на Втората македонска бригада. Избран за делегат на Првото заседание на АСНОМ. Загина на 22 јули 1944 г., како политички комесар на Првата македонско-косовска народноослободителна бригада, во несреќен случај при испробувањето на минофрлач кај селото Буринец, Струшко, на планината Караорман.
Седум младинци од Леринско со намера да им се приклучат на македонските партизани во Грција, во 1944 година биле заробени од буграската фашистичка војска и однесени на „Маркова нога“, каде биле убиени на свиреп начин.
-На 17 јануари 1944 година, бугарски војници го опколија и влегоа во селото Герман и ги блокираа куќите. На патот од Герман за Роби, бугарските војници пресретнаа седум младинци од Лерин на возраст од 17 до 20 години кои сакаа да им се придружат на партизаните и ги заробија. Ги врзаа со бодликав тељ што го зедоа од една ограда, така што од рацете непрестано им течеше крв. Мајорот кој ги спроведуваше младиниците, со кундакот од пушката маваше по нив. На патот кон селото Герман, едно од заробените момчиња изгуби рамнотежа и падна, па над него се навалија и други зашто беа врзани заедно. Тепањето и малтретирањето тогаш продолжи со уште поголема жестокост. Од селото Герман младинците со мавање и туркање беа спроведени до Маркова Нога. Тука на свиреп начин, со копачи и ножеви, крвнички биле убиени од страна на бугарските војници. Овој морничав случај го потресе населението од цела Преспа. Општинското собрание на Ресен, во чест на овие загинати македонски момчиња од Егејскиот дел на Македонија, на местото каде што се убиени, во непосредна близина на грчката граница подигна спомен-плоча и засади 7 борови, вели проф д-р Александар Литовски, историчар